Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев денешниот изборен ден го прогласи за успешен, поминат во фер и демократска атмосфера. Од отворањето на гласачките места до 21 часот во МВР биле пријавени вкупно 151 настан, но 31 од нив биле лажно пријавени, односно полицајците излегувале на терен, но не го констатирале она што било пријавено.
Во текот на денот приведени биле вкупно осум лица, четворица за фотографирање, тројца ќе одговараат прекршочно, а кај едно лице биле најдени две гласачки ливчиња. Најмногу инциденти имало на подрачјето на СВР Струмица, потоа СВР Скопје, а најмирно било на подрачјето на СВР Охрид.
-Заклучно до 20 часот на сите осум сектори за внатрешни работи денеска од отворањето на гласачките места во 7 часот утрово вкупно беа евидентирани 151 настан, од кој за 31 настан наводите во пријавите по истите не се потврдени. Констатирани се девет прекршоци, рече Чулев.
Пријавите за настаните во најголем дел се за агитирање вкупно 75, 29 за давање поткуп, испишување графити шест, нарушување на ЈРМ пет настани, фотографирање на гласачко ливче шест, седум случаи на попречување на гласачи и два настани настани кои се однесуваат на фотографирање на гласачи.
Сепак Чулев констатираше дека изборите минаа во фер атмосфера и дека институциите покажаа капацитет за спроведување на избори во едни исклучително тешки услови.