Пишува: Валентина ВУРМО
Секогаш кога премиерот Христијан Мицкоски ќе се појави во јавноста и ќе најави дека наскоро, за неколку дена, или од понеделник ќе има голема „робусна акција“ и дека зад решетки ќе завршат сите оние што во минатото се огрешиле со законот, пред очи ми излегува една сцена од македонските народни приказни.
Поточно, кога еден од царските поданици излегува сред село, со закачен барабан на вратот, и тропајќи, колку што му држат рацете, на сиот глас вели: „Чујте и почујте, царот нареди…“
Вака некако, сред село или град, излегува лично премиерот и вели „Чујте и почујте, ќе има полициска акција, ќе апсиме!“
Но, тоа не е сѐ. Неговите поданици оттука го преземаат барабанот во раце и низ биртиите и крчмите продолжуваат да разгласуваат детали за денот, па и за часот на упадот на полициските сили.
Рака на срце, премиерот јавно не лицитираше со имиња, ама повеќе од доволно е што неколкупати напомена дека ќе се справат со корумпираните високи функционери од минатото, а од „Белата палата“ протекоа и имињата на аферите што се истражуваат.
Оттука сѐ е јасно. Кој си ја има мувата на капата, ќе си го подрасчисти домот, а потоа и лежерно ќе се спакува и ќе им кидне од пред очи на полициските службеници, кои макотрпно се подготвувале за денот „Д“.
Затоа воопшто не беше за изненадување кога Артан Груби се чекираше од Косово. Веќе подолго време, ситуацијата беше „дрш-не дај“, се прогнозираше дали поранешниот вицепремиер ќе биде меѓу уапсените за „Лотарија“, ама откако и пријателите од под Калето го зацрнија, очигледно беше дека и македонските истражни органи ќе се охрабрат.
Но, некако наивно тргнаа во апс на плен од ваков голем калибар. И по сомнежите дека акцијата е пробиена, го оставија сам, без полициска присмотра.
Ги обезбедиле границите, со ставањето стоп-листа, но, ете, и таму се случи пропуст, па слободно си замина со дипломатското возило на пријателот бизнисмен. Сигурно и нему му ја продал приказната дека е чист како солза и дека не бега од притвор во „Шутка“, туку да си го зачува личниот и политички интегритет.
Но, поинакво сценарио и не се очекуваше. Зар некој мислеше дека недопирливите од ДУИ туку-така, без борба, ќе си легнат на брашното? Дека без приговор ќе прифати министерската канцеларија, во која, како по дома играше фудбал со партиските другари, да ја замени со ладна притворска ќелија?
Барем од коалицискиот партнер научија дека одбраната многу полесно се дава преку Фејсбук, отколку во судница.
Затоа сега сме во очекување на вториот статус на Груби, со кој ќе ни направи дежа ву од пред неколку години, кога избега Груевски. Ќе соопшти дека ситуацијата излегла од контрола, дека деновиве примил безброј закани по неговиот живот, па затоа е присилен да побара политички азил од Косово или поверојатно од Албанија, каде што без проблем ќе му ја удоволат желбата.
Очекувано е албанскиот премиер Еди Рама да го пречека со раширени раце, бидејќи за него со восхит изјавуваше: „Артан Груби е најдобриот Албанец меѓу Македонците и најдобар Македонец меѓу Албанците“.
Сѐ е полесно кога „најдобрите“ си имаат резервна татковина и странски пријатели. Орбан му пружи дом на Груевски, а еве ќе се најде чаре и за Груби.
А борците за правда ќе си почекаат дома. Нив нема кој да ги угости и истинтри. Ќе се задушуваат во прашината што зад себе ја кренаа бегалците!
Така што, доколку власта бара виновник за бегството на Груби, нека си погледне во огледало!
И додека потфрлија со „Лотарија“, коцкајќи се со тоа што дозволија да се споделат тајни информации за предвремено билдање на партискиот рејтинг, на МВР, сепак, треба да му се оддаде признание за другата акција со која директно се пресмета со насилното и криминално подземје. Влегоа во дувлото на, исто така, недопирливите од „Беланоца-Барон“, чии членови со години убивале, тепале, изнудувале, палеле…
Претходните, со години наназад, шурувале и кумувале со нив, или, пак, едноставно се правеле дека не ги гледаат.
Но, за жал, и оваа акција беше пробиена, и тоа повторно од политичар, односно од поранешен висок функционер.
Наводно им дошепнал на мафијашките другари дека им се ближи крајот, па еден од лидерите успеал да избега буквално 10 минути пред упадот во неговиот дом.
Штета е направена и во двата случаи, без разлика на мотивите за саботирање на акциите или дали тоа е сторено намерно или неумесно.
Министерот Тошковски, како доскорашен адвокат, пак, многу добро знае што и колку смее да сподели со јавноста, но, за жал, тоа не му оди од рака на премиерот, кој се чини има порив самиот да им стави лисици на политичките опоненти.
Но, сѐ додека се истрчува како „прле пред магаре“, ќе удираат по самарот наместо по коњот!