Емоции од кои целото тело ти затреперува, ти се одзема здивот, гласот, очите се полнат со солзи, не знаеш што да кажеш… Затоа, се прегрнавме, прегратката зборуваше за се што чувствуваме во тој момент, при првата средба со Влатко, синот на Емилија, чие срце сега чука во градите на татко ми – вака за „Фокус“ ја опишува првата средба со семејството Диневи, Васил Огњановски, синот на Иван од Скопје, кому му беше извршена првата трансплантација на срце во Македонија.
Со семејството на Емилија, донор на срцето, за прв пат се сретнале минатиот викенд, во Дојран. Ја договориле средбата, но сепак, како што раскажува Васил, и покрај тоа што неизмерно се радувал и бил возбуден бидејќи ќе ги сретне, емоциите надвладеале.
-Пристигнав во Дојран, Влатко дојде да ме пречека. Премногу емотивно беше, немам зборови да опишам. Само се прегрнавме, и без да кажеме збор, знаевме се. Ние сме браќа сега, срцето на неговата мајка го спаси мојот татко, како најпрецизно да се опише една таква ситуација, посебно во нашата земја, каде сето ова е нешто ново… Кај Диневи останав за викендот, сопругот на Емилија, нејзината ќерка, внучето Лука, сите ние бевме преплавени од емоции. Кога влегов во домот на Емилија, она што ми остави впечаток, беше некое чудно чувство, како да ме преплави некоја топлина, како да ме обли некоја светлина… Никогаш не сум се почувствувал така. Како таа да беше покрај нас, како да ја чувствував како не благословува сите, дека е горда на семејството кое во најтешките моменти направи подвиг достоен за најдлабок поклон- со растреперен глас раскажува Васил.
Тој додава дека неговиот татко Иван се наоѓа дома, добро се рехабилитира по тешката операција, но поради состојбата со корона вирусот мора да се пази, па поради тоа ја одложил средбата со Диневи.
-Секако дека и татко ми ќе се сретне со ова неверојатно семејство, нашето пријателство никогаш нема да згасне. Ќе има многу средби, дружби, убави моменти во иднина. Ние сме поврзани меѓусебно на еден начин, како ретко кој. Планирам да стапам во контакт и со пациентката која го доби бубрегот на Емилија, па трите семејства заедно да организираме средба, секако, кога ќе се стиша пандемијата. Да упатиме една силна порака до јавноста, дека свеста за донирањето на органи мора да оди на повисоко ниво – појаснува Васил.
Тој раскажува дека вечерта им минала во разговор, со многу емоции, солзи, навраќање на спомени за Емилија, за тоа каква мајка и сопруга била таа. Одлуката да се донираат нејзините органи, откако лекарите им кажале дека веќе е доцна и нема надеж, по тешката сообраќајна несреќа која ја доживеала, не им била лесна на децата и на сопругот.
-Кога лекарите им појасниле каква е состојбата и им предложиле да ги донираат нејзините органи за да се спасат други човечки животи, нормално дека не им било лесно. За такво нешто, не можеш веднаш да одговориш, треба барем малку време. Разговарале, размислиле, и на крај одлучиле дека Емилија ќе биде донор. Верувале дека и таа би се согласила, дури и би била горда на таа нивна одлука. И токму тоа чувство, за целото време додека бев во нивниот дом, не ме напушташе. Како да лебдеше тоа во воздухот помеѓу нас, таа некоја емоција дека имаме благослов од Емилија, нејзината гордост за храброста и хуманоста на семејството можев навистина да ја почувствувам– вели Огњановски.
Наредниот ден, заедно го посетиле гробот на Емилија. Потоа со нејзиниот син заминале на риболов, разговарале како да се знаат целиот живот.
-Се се одвиваше спонтано, како да сум дел од тоа семејство, како да се тоа мои блиски луѓе кои цел живот ги знам. Посетата на нивниот дом ја доживеав како мое враќање дома, како долги години да сум бил отсутен од домот, па потоа сум се вратил. Тие се мое семејство сега – раскажа Васил.
Приказната со Емилија предизвика огромен јавен интерес. Таа го изгуби животот во сообраќајна несреќа со мопед, додека одела на работа во Дојран, кон крајот на месец мај. Во најтешките моменти, нејзиното семејство се одлучи да ги донира нејзините органи, односно срцето и бубрезите. Едниот пациент кој доби бубрег е во стабилна состојба, додека кај другиот, бубрегот беше отфрлен.
Трансплантацијата на срцето кое го доби Иван беше прва ваква операција изведена во земјава од тим доктори кардиохирурзи и анестезиолози, професор доктор Сашко Јовев од државната кардиохирургија, доктор Жан Митрев од „Жан Митрев Клиник“ професор доктор Александар Николиќ, кардиохирург од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и шефот на Одделот за анестезија, доктор Димче Славески, специјалист по анестезиологија со реаниматологија од „Аџибадем Систина“.
Вики Клинчарова