Човекот кој најверојатно ќе го наследи Шолц: Ова повеќе не е Америка што ја знаевме

by Fokus

Фридрих Мерц, фаворит за нов германски канцелар, изрази загриженост за насоката во која се движат САД во вториот мандат на Доналд Трамп, пишува Politico.

Германскиот кандидат за канцелар во средата вечерта се обрати пред насобраните на митингот во Синген, нагласувајќи дека промените во американската администрација се загрижувачки. „Ова повеќе не е Америка што ја познававме“, рече Мерц, мислејќи на големите кадровски и институционални промени во администрацијата на Трамп.

„Начинот на кој се менуваат функционерите, начинот на кој се менуваат структурите на Министерството за правда и државните обвинителства, начинот на кој масовно се делат помилувањата на луѓето осудени на повеќегодишни казни – сето тоа ќе има последици за Америка“, предупреди Мерц.

Предупредувањата на Мерц доаѓаат во време на масовни отпуштања и намалувања во американската администрација, како и во секторот за странска помош, откако Трамп повторно ја презеде функцијата претседател. Неговата администрација испрати мејлови до вработените во владините институции нудејќи им „одложени оставки“, отстрани неколку федерални инспектори и отпушти десетици обвинители поврзани со гонење случаи поврзани со нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.

Покрај тоа, САД ја замрзнаа странската помош и најавија дека планираат да ги испратат речиси сите вработени во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) на платен одмор.

Трамп, исто така, најави амбиции да ја преземе контролата врз Појасот Газа, Гренланд и Панамскиот канал, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена сила.

Германија ќе одржи предвремени избори на 23 февруари, а Мерц се обидува да ја задржи предноста во анкетите пред десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD).

Илон Маск, милијардер и сопственик на Tesla, стана важен сојузник на администрацијата на Трамп и одлучи активно да учествува во германската политика. На еден од митинзите на АфД, Маск ги повика Германците да гласаат за партијата и рече дека Германија треба „да заборави на вината од минатото“.

Мерц ги критикуваше интервенциите на Маск во германската политика уште во декември, нарекувајќи ги „инвазивни и претенциозни“, откако сопственикот на „Тесла“ објави напис во германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ во кој АфД ја нарече „последна искра на надеж“ за Германија.

Поврзани новости