Јован Деспотовски е еден од тројцата кандидати за наследник на Зоран Заев на лидерската позиција во СДСМ, а со тоа и иден премиер. Тој на утрешните непосредни, внатрепартиски избори ќе ја бара довербата од членовите на владејачката партија.
Неговата официјална биографија говори дека Деспотовски е дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и постдипломец по меѓународни односи и дипломатија на Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје.
Своревемено, тој беше раководител на Сектор во Секретаријатот за европски прашања при Владата во времето на Радмила Шекеринска, во чие време Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ.
Поради тоа што бил нејзин близок соработник, Деспотовски во партиски кругови, но и во јавноста, ја доби етикетата „човек на Шекеринска“.
Сепак, деновиве во едно интервју тој ги отфрли ваквите квалификации, истакнувајќи дека ја почитува Шекеринска, но дека тоа не значи дека е „нечиј човек“. Како што нагласи, тој соработувал и со Заев и со Бранко Црвенковски.
Инаку, Патот на Деспотовски во СДСМ започнува во 1995 година кога се зачленува во партијата.
Досега, бил дел член на речиси сите партиски тела и органи, почнувајќи како член на ЦО на градската организација на СДСМ на Скопје во 1998 година, па се до член на највисоките партиски тела како Централниот и извршниот одбор на партијата во повеќе наврати, од 2003 до 2017 година.
Од 2013 до 2017 година, бил секретар за меѓународна соработка на СДСМ, а во повеќе изборни циклуси член на Централен изборен штаб, шеф и член на Регионални изборни штабови во ИЕ 1 и ИЕ 5.
При доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, Деспотовски беше споменуван како можен министер за транспорт и врски, но на крајот избран беше Горан Сугаревски.
Потоа, Деспотовски беше назначен за директор на Фондот за иновации и технолошки развој, а во моментов е директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Откако беа распишани внатрепартиските избори во СДСМ, тој прво се двоумеше дали да влезе во изборната трка, но на крајот одлучи да поднесе кандидатура, заедно со програма насловена како „Концепт 28“, во која се наведува дека клучен стоб се луѓето.
Имено, Деспотовски во неколку наврати изјави дека неговата партија ги заборавила луѓето од базата, алудирајќи дека одлуките почнале да се носат во тесен круг, што, според него, е причина за многу лоши кадровски решенија и за лошиот изборен резултат.
Катерина Смилева-Божиновска