Претседателот и петмина членови на Државната изборна комисија стравуваат за својата сигурност.
Тие во писмена реакција која е потпишана од Даштевски, Ристеска, Кондарко, Стојаноски, Ристовски и Демири, велат дека се загрижени од изјавите на политичките партии и високи владини функционери откако ДИК го поништил гласањето за седум избирачки места.
На писмената реакција не е потпишана заменик претседателката Дитмире Шеху, која во Државната изборна комисија ја претставува партијата ДУИ.
„Покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерни јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК. Следејќи го контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите, исто така сме загрижени и дека е можно истите да преминат во лични напади на нашата сигурност“, се вели во соопштението од ДИК.
Првите закани со кривична пријави за членовите на ДИК пристигнаа од Европскиот фронт предводен од ДУИ на денот кога Комисијата почна со разгледување на приговорите.
Синоќа, техничкиот премиер Џафери обвини дека ДИК спроведува изборен инженеринг зад кои стоел меѓупартиски договор за гласање и надгласување додека се разгледувале приговорите.
Од ДИК наведуваат дека процесот бил законски и поткрепен со образложени докази за поништување на гласањето за седум избирачки места..
„За ДИК се неприфатливи и недопуштени нападите, притисоците и мешањето на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури, како и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд“, велат од Државната изборна комисија.