На денешното трето рочиште на кое се појави и оштетената полицајка која за време на локалните избори лани била фотографирана додека била на должност од обвинетиот Константин Карев, член на политичката партија ,„Левица“ во основниот суд во Гевгелија се изведуваа докази од страна на сведоци по предлог на одбраната и обвинителството.
Беа сослушани оштетената полицајка и други пет сведоци од фотографијата на Карев направена во близина на избирачко место, за кои на распитот се увиде дека се членови на политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од доказите одбраната ги базира токму на фактот дека овие партии преку своите членови вршеле притисок на избирачкиот процес на начин што ги евидентирале со списоци во рацете избирачите кои се упатувале и враќале од избирачко место, што претставува кривично дело.
По пријава од Карев, полицискиот службеник не реагирал согласно своите надлежности, поради што Карев ги фотографирал сите лица во непосредна близина на избирачкото место како единствен начин за обезбедување докази дека полицијата не постапувала огласно надлежностите.
Судскиот процес продолжува на 15 мај со рочиште на кое ќе се изведуваат нови докази.