Во прилепскиот Основен суд започна судењето против членот на Левица, Иван Јованоски, кој при одбележувањето на 11 октомври на Могилата на непобедените минатата година, е обвинет за нарушување на јавен ред и мир и за омаловажување на поранешниот премиер Зоран Заев.
Тој во изјава за „Фокус“ даде свое објаснување, потенцирајќи дека не му е воопшто важно каква ќе биде конечната пресуда.
„Прекршокот го констатираше полициски службеник од Прилеп. Можам да кажам дека многу работи се фалсификувани, почнувајќи од мојата адреса на живеење, број на лична карта, па се до зборови кои ги кажав кон тогашниот премиер. Јас си стојам на зборовите, но некои работи се извадени од контекст“, вели Јованоски.
Наредното рочиште е закажано за 19 мај, кога е повикан и некогашниот претседател на Владата на Македонија, Заев.
„Во мај е повикан Заев за сведок, плус 10 сведоци од моја страна кои беа присутни на Могилата. Сметам дека Заев го извалка тоа место и прашање е дали има лице да се појави. Не можам да разберам со кои зборови го омаловажив некогашниот премиер. Што се однесува до крајна пресуда, таа воопшто не ми е важна, туку важно е како народот ќе ми пресуди“, посочи Јованоски.
Јорданчо Цветаноски