Перо Костадинов, кому ова му е втор градоначалнички мандат во Општина Валандово и е потпретседател на СДСМ, од страна на шведскиот Меѓународен центар за локални демократии, е вброен меѓу четирите градоначалници од целиот свет кои направиле позитивни трансформации за демократијата на општинско ниво.
Шведскиот Центар го избрал Костадинов за шампион на локалната демократија меѓу 141 номинација на лидери кои демонстрираат посветеност и креираат активности и мерки за правичност, вклученост, транспарентност и одговорност.
Иако дојде на функција во своите рани триесетти години, Костадинов уште на самиот почеток беше пријатно изненадување за валандовчани, со многубројните иницијативи и проекти, а посебно со посветеноста кон создавање на инклузивно општество и залагањата за подобрување на животните услови на лицата со попреченост.
Повеќе негови сограѓани со кои разговараше ,,Фокус” имаат убави зборови за него и неговите напори да го направи малото Валандово пристојно место за живеење и урбана средина. Впечаток ни остави разговорот со негов сограѓанин, чиј идентитет е познат на нашата редакција, а е човек кој работи во приватниот сектор.
Тој вели дека со децении наназад во Валандово неговото семејство било познато како голем поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ, и кога во 2017 година Костадинов кој е од редовите на СДСМ станал градоначалник, не крие дека бил разочаран.
„Како голем вмровец, не ми беше сеедно, а посебно поради младоста на Костадинов, не ни очекував некои позитивни промени во општината. Но, за кратко време увидов дека проценката ми била грешна. Имам приватен бизнис, сакав да инвестирам во родниот град, и со години чекав да се завршат некои административни процедури за да ја проширам работата. Се завлекоа работите долг период, мојата сопруга имаше и партиска функција на локално ниво во ВМРО, но ништо не помогна да се забрзаат процедурите. Чекај ваков документ, чекај таков потпис, постојано во круг, се нешто се чекаше. Затоа, кога Костадинов дојде на функција, помислив дека чекањето уште повеќе ќе ми се завлече, оти кај нас нели, непишано правило е тоа, сопартијците да си помагаат, оние од спротивни табори да бидат ставени на чекање. Не можам да ви опишам колку се изненадив кога по само еден разговор со него, кога му појаснив дека долго чекам административни завлекувања и бизнисот ми трпи, тој веднаш се заложи и вети дека работата мора да се забрза. За многу кратко време мене ми се завршија сите законски процедури кои пред тоа постојано се одлагаа, дали поради неажурност, дали поради непрофесионалност, не знам. Тогаш сфатив дека сум грешел кога младоста на Костадинов ја толкував како неискуство, напротив, тој на дело ми покажа дека е амбициозен и знае што е добро за општината. Да се помогне и да се мотивира приватниот сектор, да се врти парата во градот, а не да се делат луѓето според партиска припадност и да гледаме како еден по еден си заминуваат во странство“, раскажа нашиот соговорник.
За признанието од шведскиот Меѓународен центар за локални демократии, според кое Костадинов направил позитивни трансформации за демократијата на општинско ниво, валандовчани велат дека е сосема заслужено и граѓаните и Локалната самоуправа имале одлична комуникација.
Вики Клинчарова