Во Кривичен суд продолжи судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, со испитување на сведоци на одбраната.
Како сведок на одбраната денеска беше повикан Зоран Петковски од Куманово, кој е член на комисијата за безбедност во партијата Десна. Тој рече дека имал комуникација со обвинетиот Љупчо Палевски на 27.11.2023 година, денот кога беше убиена Вања.
„Комуникацијата со Палевски беше во раните утрински часови, во време помеѓу 8.20 и 9 часот на таен канал за електронска комуникација преку апликацијата Телеграм, креиран од Љупчо Палевски. Разговаравме за иранските дронови шахиб, за набавка од Србија, трансфер преку Србија од Ирак. Добив задача од Палевски да приберам информации во врска со тоа и да го известам заедно со членовите на Комисијата за безбедност“ рече Петковски.
Тој рече дека бил повикан во СВР Скопје во полициска станица Пролет, на 05.02.2024 година во раните утрински часови.
Началникот Зарински, според сведокот на одбраната, му кажал дека признанието за убиството на велешанецот го добиле од Боре по стари методи, покажувајќи му дупка во зидот од канцеларијата.
„Поучен од работниот век во безбедносните структури, АРМ и МВР, пред да влезам во полициската станица, иако знам дека не смеам, вклучив уред, диктафон, на кој го снимив целиот разговор. Разговорот течеше крајно коректно и пријателски. Се одвиваше во канцеларијата на началникот Драган Зарински, на кој присустуваше и началникот на Единицата Дејан Димовски и уште еден инспектор кој не се евидентираше. Разговорот траеше час и половина. Откако виде дека се работи за поранешни припадници на безбедносни сили, Тони е професор на воената академија Михајло Апостолски, сега пензионер, а јас бев на Полициската академија во Центарот за обука, разговорот премина во пријателска атмосфера и ни беа изнесувани моменти и информации во врска со кривично-правните настани од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и во Скопје. Некаде во 54. минута од снимениот разговор, инспекторот Зарински ме праша „Го познаваш ли Боре?“ Му одговорив потврдно. Веднаш потоа со десната рака покажа дупка во ѕидот, десно од неговиот работен стол, и ми кажа „Ете тоа е од Боре. И ова не смеам да ти го кажувам, но користевме стари методи за добивање признание.“ Не ми е чудно, затоа што и самиот потекнувам од една таква структура, но сметам дека е битно ако признанието на Боре е изнудено со сила, односно со тепање и мислам дека судот треба да го земе тоа предвид – рече сведокот.
Сведокот Петкосвки понатаму изнесе тврдење дека му било кажано од началникот како Влатко Кешишев слушал од надвор и влегол со признание дека Боре и Вељо му го донеле во гепекот. Прашан од обвинителката за димензиите на дупката, сведокот прецизно ја опиша, 15 см од местото на бирото на началникот со пречник од 12 см.
Судењето продолжува на 5 март со сведоци на одбраната, исказ пред судот најави и Палевски.