Читателите често „се лепат“ на книги кои чинат колку една кифла во пекарница

Кризата го диктира изборот на книги и на Саемот на книга во Скопје

by Fokus

Вчера започна 34-то издание на Саемот на книга во Скопје, кој секоја година ги збира читателите на книги на едно место.

Цените на изданијата од издавачите се движат различно и општиот впечаток е дека има книги за сечиј вкус, но и за сечиј џеб.

Сепак, се чини дека ниските цени на книгите се најпримамливи за луѓето, кои силно се погодени од кризата по војната во Украина. На штандот на „Бегемот“ може да се забележат изданија кои чинат по само 50 денари, што би значело дека имаат иста цена колку една кифла во пекарница.

„Тоа се најчесто изданија кои се од поодамна и на некој начин излегле од мода. Но, можам да кажам дека станува збор за исклучително квалитетни книги. Мора да ги чистиме магацините, а со редовна цена тие книги потешко би се продавале“, не информираа од „Бегемот“.

Освен дела од странски писатели, тука можат да се забележат и книги на македонски автори, но за среќа, интерес има и за едните и за другите.

„Секој Саем на книга си купувам дела од овие што се по 50 денари. Навистина има интересни книги, што имаат убави пораки, но некако не се популарни кај другите читатели. За среќа, тука сме ние, да ги вратиме во мода. Тоа што е интересно, овие книги се многу ретки и преводите се добри“, ни порача една читателка.

И останатите издавачки куќи се трудат со максимални попусти да ги привлечат читателите, така што ќе создадат една здрава навика за литературно возвишување и на најмладите, но и на повозрасните.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости