Чистка во врвот на Комунистичката партија на Кина

by Фокус

Кинескиот премиер Ли Кечијанг, поранешен втор човек во раководството на Кина и главен поборник за економски реформи, е еден од четворицата членови на моќниот седумчлен Постојан комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина кои нема да бидат повторно именувани во телото.

Нивните имиња не се најдоа на списокот на новиот состав на 205-члениот Централен комитет на Комунистичката партија на Кина, објавен денеска на крајот на партискиот конгрес. Во Постојаниот комитет можат да бидат само членови на Централниот комитет.

Владејачката Комунистичка партија на Кина денеска одобри амандман на нејзините правила што може дополнително да ја зајакне позицијата на Си Џинпинг како лидер на Кина и да му овозможи трет петгодишен мандат.

Текстот на амандманот не беше веднаш објавен, но пред да биде одобрен, беше прочитано образложението зошто е усвоен и неколкупати беше споменуван Си и неговите достигнувања во зајакнувањето на армијата, економијата и авторитетот на партијата.

Во кратката изјава на затворањето на конгресот, Си рече дека прегледот покажал „јасни потреби за поддршка и зајакнување на целокупното раководство на партијата“.

На претходниот конгрес во 2017 година, партијата го подигна статусот на Си со вклучување на неговите идеи во партиската повелба, познати како „Мислата на Си Џинпинг“.

Делегатите на 20-от конгрес на кинеската Комунистичка партија одлучија денеска за првпат во уставот на партијата да вклучат формулација што укажува дека Пекинг е против независноста на Тајван.

Поврзани новости