По сведочењето на екс министерката Гордана Јанкулоска, за случајот “Плацевите на Водно”, во судница се исправи и Влатко Чинговски, поранешниот директор на ЕЛЕМ, но и некогашен партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ.
И тој од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашуван околу финансирањето на партијата, а се со цел докажување на тезата на обвинителството дека екс премиерот Никола Груевски со партиски пари купувал земјиште на Водно.
Чинговски истакна извршувал партиски функции од 2005 година до 2010 година како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Кратко бил и пратеник, а потоа бил именуван за директор на ЕЛЕМ.
На прашањето дали додека бил директор, во неговата канцеларија доаѓале лица кои оставале пакети за партијата, тој појасни дека бил задолжен да биде линк меѓу општинските комитети и централниот комитет.
-Тогаш се случувало да добивам материјали и документи во мојот кабинет, со назнака дека се за генералниот секретар на партијата, кога беше Кирил Божиновски. Тие документи не ги отворав, туку во првата прилика сум ги доставувал до генералниот секретар, во зависност каде бил лоциран.
Во 2010 година, кога престанав да бидам член на извршниот одбор, најчесто таквите документи ги доставував во неговата канцеларија во Влада, каде што беше генерален секретар, а многу ретко во штабот, истакна сведокот.
Тој појасни дека средбите со Божиновски му траеле кратко.
-Нашите средби траеја многу кратко, тој беше многу зафатен. Она што мене ми стана сомнително кога при еден разговор по телефон со Божиновски, тој рече дека содржината на документите не соодветствува на она што тој го очекувал. Спомна бројки, цифри, што мене ме зачуди, и дознав дека покрај документацијата има и финансиски средства.
Бев крајно разочаран, бидејќи дотогаш немало проблем и не сум очекувал во дел од нив да има и финансиски средства. Разговарав со Божиновски дека тоа е неприфатливо и не сакам повеќе да се случува, сведочеше Чинговски.
По тој разговор, појасни дека во еден период немало забелешки од Божиновски.
-Немаше никакви јавувања по однос на содржината, но подоцна се случи истото уште еднаш или два пати, и сфатив дека мојата реакција не вродила плод. Затоа при првата средба со Никола Груевски му кажав дека не сакам да имам такви активности, рече сведокот.
Рече и дека не може точно да се сети на неговата реакција.
-Мислам дека беше зачуден дека нешто такво се случува и ми напомена дека иако сум стручњак, сепак сите имаме и соодветни партиски задолженија кои треба да ги реализираме, но не спомна ништо околу финансирањето. Рече дека не треба да се грижиме само за компаниите туку и за партијата и за нејзиниот развој, се присети сведокот.
Тој на прашањето одговори дека во канцеларијата на Божиновски во Влада не забележал сеф.
-Документите ги оставав на работната маса. Во канцеларијата во партиското седиште многу ретко сме се гледале, но знам дека имаше сеф. Тој сеф вообичаено беше затворен. Во една до две прилики видов дека малку е подотворен. Не можев да видам точно. Имаше документи и наликуваше на финансиски средства, како во банка со пачки, истакна Чинговски.
На прашањето дали знаел кој ги испраќа овие пакети за партијата, тој одговори дека немал информации.
-Не разговаравме за имиња, но ми беше нагласено дека тоа се пријатели на партијата кои сакаат да помогнат, но не сакаат да бидат видени. Никогаш не сме зборувале дека е ова лице, или таа фирма. На пликото стоеше само до генералниот секретар Божиновски, рече сведокот.
Тој појасни и дека реагирал дека е демократија и дека секој може директно да донира во партијата.
-Нема потреба да се користам како поштар, нешто за што не сум квалификуван и ниту пак сакам тоа да го работам, истакна сведокот.
На прашањата, дали некои од лицата кои ги оставале писмата имале добиено тендери во ЕЛЕМ, Чинговски рече:
-Можно е, инаку зошто тогаш мене би ми ги давале ако не соработувале со компанијата?, рече Чинговски.
Неговата “поштарска” функција завршила по еден разговор со Груевски.
-После мојот разговор со Груевски престана ова поштарска комуникација, односно не добивав повеќе вакви документи. Претседателот ја прифатил мојата сугестија, односно дека треба да се грижам за тоа да имаат струја сите, а не да вршам вакви активности за партијата, поентираше Чинговски.
На прашањето на еден од адвокатите, дали тој со свои очи видел пари во пакетите, Чинговски рече дека не видел, но како што рече, логично заклучил од муабетот на Божиновски, кој споменувал цифри.
Валентина Вурмо