Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ призна вина за „Талир“, доби условна казна

by fokus

Елизабета Чингаровска од ВМРО-ДПМНЕ доби двегодишна условна казна откако денеска во Кривичниот суд се спогоди со СЈО и призна вина во случајот „Талир“, односно за незаконското финансирање на партијата, информираат од СЈО.

За случајот „Талир“ СЈО неодамна поднесе обвинение, а во моментот тоа се наоѓа на оцена пред судот, по што ќе биде познато дали на обвинетите ќе им се суди. Признанието на Чингарвска оди во прилог на обвинителството, бидејќи признала вина и го потврдила кривичното дело перење на пари.

Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против екс премиерот Никола Груевски, и неговите доскорашни соработници Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска.

Во конкретниот случај, според СЈО, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.

Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

 

Поврзани новости