Новинарот Цветин Чилиманов е суспендиран од работното место и тој има рок од три дена, односно до понеделник, да се изјасни во врска со суспензијата, дознава БИРН.
Потоа, дисциплинска комисија од државната агенција МИА ќе ги сослуша аргументите на Чилиманов и ќе достави предлог до директорот на МИА, Драган Антоновски, кој треба да ја донесе крајната одлука – дали тој ќе добие отказ од работното место, ќе биде казнет или пак нема да се соочи со никакви последици.
Чилиманов на Твитер, во понеделникот, цитираше статус на дописничката на Фајненшл Тајмс, Валери Хопкинс, апелирајќи: „ До сите таксисти што ме следат, ако ви влезе оваа во кола, време е за чичко Кумплунг“. Оваа реплика е од македонскиот филм „Самоуништување“, каде главниот лик, таксист кој го глуми Јовица Михајловски, ја носи на Водно девојката на неговиот син и ја силува.