Чифлиганец: БЕГ бесправно наплатил 1,6 милиони евра од граѓаните, а парите никаде ги нема

by Fokus

Адора инженериг и јас лично последниве 12 месеци поминуваме низ вистинска голгота по купувањето на Топлификација, a всушност купивме ветер и магла, вели бизнисменот Ванчо Чифлиганец во СТУДИО 10 на ТВ24.

Тој објаснува дека топланите се платени 9,26 милиони евра и се купени на транспарентен начин

Правниот тим на компанијата постојано поднесува барања и поднесоци до сите надлежни, меѓу кои и до Регулаторната комисија за енергетика, но без резултат.

– Дали сегашната ситуација е времено преземање и национализација на Топлификација од страна на Владата, не знам, вели Чифлиганец.

Тој додава дека мора да се почитува приватната сопственост. Топланите се купени со кредит од НЛБ банка врз основа на хипотека во сооднос 1:4. Адора на овој кредит треба да врати камата од речиси милион евра во рок од десет години, вели Чифлиганец и додава дека годишната рата за кредитот е исто еден милион евра.

Чифлиганец објаснува дека недостигаат 1,6 милиони евра наплатени од граѓаните минатата година.

-Адора нема да си дозволи да биде пречка скопјани да имаат топлинска енергија. Но, го бараме она што ни следува. Регулаторите не знаат каде се тие средства. БЕГ велат дека немаат пари и сметките им се празни. Технички, БЕГ веќе не постои во бизнис релациите. Долгот треба да го подмири Владата преку која било државна надлежна институција, а Адора ќе ги отстапи топланите на управување на државата со подмирување на закупнината за имотот за кој Адора плаќа данок на имот, вели Чифлиганец.

Од лани 22 декември БЕГ бесправно стопанисува со топланите без да има каков било договор со сопственикот, а тоа е Адора, објаснува Чифлиганец во СТУДИО 10 на ТВ24.

-Кога дојдоа некои локални шерифи за градоначалници, на Адора ѝ беше оневозмоено да гради. Измислуваа мораториуми кои важеа само за Адора. Оттука, се решивме да влеземе во регулираниот бизнис на топланите. Пресметавме дека ќе можат да се вработат 100 врвни професионалци. Ние влеговме во топланите Исток и Запад за да и унапредиме, вели Чифлиганец.

Тој објаснува дека Адора имала план да воведе еколошки иновации за загревање на Скопје преку т.н. базени со сол кои се загреваат на сончева енергија и се еколошки за азлика од мазутот. За мотивот за влегување во оваа инвестиција Чифлиганец вели дека дека е логичен след на растот на компанијата Адора која имаше 500 вработени, од кои 450 беа работници. За состојбата сега вели дека се останати само 27 вработени во менаџментот.

-Ние 12 месеци имаме сопственост над топланите но не се во наше владение. Стечајниот управник си зел награда од 150.000 евра, но ние владение немаме. Улогата на стечајниот управител е етичка и морална пред јавноста и пред купувачот. Министерството треба да ја преиспита оваа ситуација за понатаму да не се случуваат вакви работи. За платените пари треба да се добие наведената сопственост или да се вратат парите, но ништо од тоа иако на случајот работи цел тим адвокати, вели Чифлиганец.

 

Поврзани новости