Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски во изјава за НОВА ТВ одговара на информацијата објавена на „Фриинфо.мк“, дека сите набавки што ги направила Државна изборна комисија за парламентарните избори во декември 2016 се направени преку нетранспарента постапка, односно со преговарање без објавување оглас.
Чичаковски вели дека тие функционирале преку две програми. Едната е редовна програма за работењето на ДИК, а другата е за програма за избори.
-Ако се сеќавате, парламентарните избори неколку пати се одложуваа и парите ни ги даваа па ни ги земаа. Во конкретниот случај, парите ни беа дадени откако се распишаа изборите и имавме многу кратки рокови. Вака се работи од 2006 па до сега, вели Чичаковски.
Тој додава дека откако станал претседател вовел неколку измени во работата на Комисијата за јавни набавки на ДИК. Како што вели Чичаковски, порано во оваа комисија членови биле вработени во администрацијата и некои членови на ДИК, но сега, сите членови на комисијата за јавни набавки, биле Членовите на ДИК. Тој вели дека оваа промена е направена за да се обезбеди транспарентност и консензус во одлучувањето.