Чибишев најави дека нема да има повеќе каубојски вработувања на Токсикологија

by Fokus

На Токсикологија повеќе нема да работат осумнаесетте лица со истечени договори. Новиот директор на Клиниката, Андон Чибишев, најави дека ќе се распише конкурс и, како што рече, каубојски вработувања веќе нема да има.

Чибишев оцени дека во изминатиот период Клиниката била доведена во ситуација на организациски и кадровски колапс, а тоа во моментот уште повеќе ја отежнува состојбата бидејќи е период на годишни одмори.

„Најголем проблем ни е кадровската екипираност за да одговориме на предизвиците. Во изминатиот период тука имавме вработено 18 лица, кои работеа неколку месеци со истечени договори. Тоа внесуваше немир и конфликти меѓу вработените. Се даваа информации дека имаат договори за вработување благодарение на добиена согласност од Министерство за финансии, но таква согласност не постои“, рече Чибишев.

Образложи дека има документ од април 2024, во кој пишува дека Министерството за финансии се прогласува за ненадлежно за одлучување за согласност за вработување бидејќи се бара за време на избори. Истовремено, и антикорупциската комисија ги има оспорено таквите договори, а оспорени се и од Државниот санитарен инспекторат по две основи. Едниот е дека барањето за вработување е за време на избори, што е спротивно на одредбите од Изборниот законик, а второто е затоа што не се потпишани од двајцата директори.

Рече дека осумаесеттемина што работеле на Клиниката биле манипулурани со лажни ветувања дека ќе бидат вработени, незаконски престојуавле во институцијата со невалидни договори, а што е уште потрагично – добивале и плата.

„Исплатена е една и пол плата, со што буџетот на Клиниката е оштетен за речиси 650.000 денари. Тоа е значајна сума за нашата институција, секој денар е важен. Целиот случај го документирав и ќе биде процесиран до надлежните државни институции“, рече Чибишев.

Новиот директор е задоволен од комуникацијата со министерот за здравство, Арбен Таравари, со кој работат на решавање на проблемот со недостиг на кадар. Рече дека направиле процена колку кадри им се неопходни за да може да го преживеат летото.

Поврзани новости