Четврт Илинден

by fokus

Пример за родољубие е само да се вее знамето од Кутлеш пропратено со половина литро ракија, а никако да се плаќаат даноци, да се помогне на соседот или не дај боже на некој непознат

пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Во колективната меморија на македонскиот народ се три Илиндени. На втори Август 338 години пред Христа, Филип Втори Македонски кај Херонеа ги порази Атина, Теба и сојузниците од Коринтската лига и ја воспостави хегемонија над нив.

На втори Август 1903 година македонскиот народ здружен со останатите народи, влашкиот, албанскиот и делумно турскиот народ се кренал на востание против вековната отоманска тиранија и окупација. И финално, темелите на модерната македонска држава се удрени на втори Август 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчињски.

Со жалост можеме да констатираме дека славните времиња на македонскиот народ се далеку зад нас. Државата е на стаклени нозе, сардисана од сите страни, од разно – разни добрососедски договори и душегрижници, со јасни територијални претензии.

На внатрешен план државата се распаѓа на секое поле, белата чума нѐ јаде катадневно, фалат кадри во секоја професија бидејќи младите и талентирани се селат масовно. Се уште трпиме масовно корумпирани политичари да нѐ крадат и делат, без да имаме храброст да ги отераме во мајчината.

На Илинден 2023 година Македонија е на крстосница. Премиерот и неговата свита бегаат од името Македонија како ѓавол од крст, опозицијата ја интересира исклучиво како да дојде побрзо на власт, невладиниот сектор е мрзлив или корумпиран или, и двете заедно.

Пример за родољубие е само да се вее знамето од Кутлеш пропратено со половина литро ракија, а никако да се плаќаат даноци, да се помогне на соседот или не дај боже на некој непознат.

Економската состојба никогаш полоша, политичките пијавици за над триесет години не успеаа да се наситат и накрадат наши пари. Нити еден од нив не си отишол посиромашен од власт, кај сите нив после власт се јавуваат богати тетки, баби и стрини кои од милозливоста на својата душа им поклонуваат имоти.

Масовната емиграција ги празни селата и малите градови, без ралика на етникум. За прв пат бројот на домицилно етничко албанско население е намален од дваесет и пет проценти во 2002 на дваесет и четири проценти во 2021 година. Сликите од автобуските на Гостивар и Тетово се жални, буквално цели семејства се иселуваат додека албнаските политичари се мултимилионери продавајќи етничка поделеност.

Академик Коцарев деновиве изјави дека ни треба трет Илинден веројатно ненамерно заборавајки ја Херонеа, или пак врзувајќи го Илинден со светиот празник свети Илинден. Јас би рекол дека на Македонија итно и треба четврт Илинден, проблемот е во тоа што сѐ помалку мажи има.

Едните се иселија, другите се продадоа на политиката, а третите и најбројните ја веднат главата и молчат пред сите неправди и пљачки кои што ни се случуваат пред очи.

Нека ни е честита сто и дваесетгодишнината од Илинден со надеж дека ќе доживееме да славиме и сто дваесет и пет годишнина. Како тргнала работата, тешко!

Поврзани новости