Четворицата пратеници од „Алтернатива“ на утрешната седница ќе гласаат за недоверба на владата, откако пратеникот Димитар Апасиев го повлече потписот од постоечката иницијатива, соопшти претседателот на партијата, Африм Гаши попладнево на прес-конференција.
Тој не сакаше да ги коментира следните чекори што ќе ги преземе партијата, но беше дециден дека нема да бидат дел од Влада којашто е против евроатлантскиот курс на земјава и против добрососедските односи.
Тие не се за одржување на брзи предвремени избори, туку за формирање на нова влада која ќе обезбеди мнозинство. Попладнево опозициските партии ја ревидираа поднесената иницијатива до Собрание за гласање на недоверба на владата и дваесетина пратеници, меѓу кои и Апасиев ги повлекоа своите потписи.
Ние мислиме дека треба да се формира друга влада, нова влада. Какво мнозинство ќе има таа влада, кој ќе биде премиер ќе видиме низ процедури кои ќе ги потврди претседателот Пендаровски кој го има мнозинството и кој може да докаже дека ќе формира влада. Ние мислиме во вакво време, во енергетска криза, во пандемија не би било добро во никој случај да се организираат брзи предвремени парламентарни избори, а многу сме блиску и до преговорите за ЕУ. Затоа мислиме дека брзо треба да се формира нова влада без разлика со кој состав, само е битно сите заедно како држава да го задржиме евроатлантскиот курс и добрососедските односи, рече Гаши.