Четворица повредени во земјотресот во Босна

by fokus

Четири луѓе се повредени во земјотресот што вечерта на 30 декември ја погоди Босна и Херцеговина, со епицентар во централниот дел на земјата, во близина на градот Зеница.

Премиерот на Зеничко-добојскиот кантон Незир Пивиќ соопшти дека има материјална штета на куќите, а има и повредени.

„За жал, пријавени се четири случаи на повреди на граѓани, од кои еден во Јелина, а тројца граѓани се повредени при пад на градежен материјал од згради и куќи. Двајца од повредените се задржани во Кантоналната болница Зеница.

Нашата полиција и Службите на Кантоналната управа за цивилна заштита се во состојба на готовност и ја следат ситуацијата на терен“, објави Пивиќ на Фејсбук.

Директорот на Кантоналната управа за цивилна заштита на Зеничко-Добојскиот кантон, Џавид Аличиќ, претходно за агенцијата Фена изјави дека едно лице е повредено како последица на пад на карпа на автопатот М17 кај Зеница, што може да се поврзе со земјотресот.

Дежурниот оперативен службеник на Министерството за внатрешни работи на Зеничко-добојскиот кантон потврди дека одронот се случил на влезот во тунелот во Врандук, на делот од главниот пат од Зеница до Добој.

Полицијата соопшти дека добила информација дека има оштетувања на фасади на згради во градот Зеница, и на куќа во зеничното село Љубетово, јавува Фена.

Според евиденцијата на Центарот за сеизмологија на Федералниот хидрометеоролошки завод на Босна и Херцеговина, јачината на земјотресот во хипоцентарот бил 4,7 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот бил VI степени според Меркалиевата скала. Земјотресот е почувствуван во поширокото подрачје на централна Босна и Херцеговина.

Поврзани новости