Маж вооружен со секира нападнал три соседни кинески ресторани во најголемиот град во Нов Зеланд, Оукленд, при што повреди четири лица пред да биде уапсен од полицијата.
Мажот која има 24 години е кинески државјанин. Тој е приведен и поднесена е кривична пријава за ранување со намера да предизвика тешка телесна повреда.
Обвинетиот, кинески државјанин, се соочи со судот во раните утрински чаови денес. Полицијата соопшти дека се очекуваат дополнителни обвиненија, но не го наведе мотивот за нападот.
Командантот на Источната област Вајтемата, Стефан Сагар, рече дека нема докази дека станува збор за расно мотивиран напад. Се верува дека мажот дејствувал сам.
Во меѓувреме, полицијата го зголеми своето присуство во областа околу нападнатите ресторани.
„Признаваме колку овој инцидент беше застрашувачки за инволвираните и за пошироката заедница, и осигуруваме дека има поддршка и за жртвите и за нивните пријатели и семејство“, рече Сагар во изјавата.
Сторителот влегол во три различни ресторани на улица на која се сместени низа евтини кинески ресторани, објавија локалните медиуми.
Еден од присутните во нападнатиот ресторан раскажал за New Zealand Herald како неговиот пријател бил нападнат додека го делеле оброкот.
“Бев во шок. Кога сфатив што се случува, тој се обиде да ме нападне”, рекол мажот. Сведокот додаде дека ја блокирал секирата со рака, кога сфатил дека напаѓачот ја таргетирал неговата глава.
Друг сведок изјави за Радио Нов Зеланд дека јадела во еден ресторан со пријателка кога насилникот почнал да ја напаѓа нејзината пријателка.
Тројца од жртвите и понатаму се хоспитализирани во стабилна состојба, додека четвртата жртва е отпуштена.