Од Владата информираат дека се спасени четворица авганистански новинари, односно дека Северна Македонија им обезбеди привремен престој.
-Изутрината на Меѓународниот аеродром Скопје, пристигна група од четворица новинари од Авганистан кои се во опасност од новите тамошни власти. Станува збор за ТВ и радио новинари кои работеле за локални медиуми и дописници за странски медиумски куќи, а по падот на демократската влада, добивале закани по живот од Талибанците, информираат од Владата.
Од таму додаваат дека на новинарите им е обезбеден престој до заминување во трета држава по барање на Меѓународната организација на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
-Со прифаќање на овие авганистански граѓани, земјава ја продолжува активната улога во големата хуманитарна операција за помош на продемократското население во Авганистан.
По слетувањето беше спроведена стандардната процедура – безбедносна проверка, заштита и ПЦР тест.
Ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од организацијата Новинари за човекови права, велат од Владата.
Во земјава во моментов престојуваат 534 граѓани на Авганистан за кои институциите им ја обезбедуваат и пружаат потребната поддршка и помош. Досега пак заминаа 85 граѓани на кои траен престој им обезбедија Франција, Грција, Ирска, Португалија, Бразил и САД.