Гостиварската локална самоуправа започна со подготовка на петгодишната стратегија за намалување на загадувањето. Како најважен документ е катастарот на загадувачи, кој е во завршна фаза. Во него ќе бидат наведени компании и фирми што поседуваат еколошки дозволи, а емитуваат штетни материи во производниот процес.
На листата што општинската власт ја направи се наоѓаат: пет фабрики, каменоломи, произведувачи на бетон што имааат А-еколошка дозвола, меѓу нив се и живинарски фарми, производни капацитети за бои и лакови, механичарски работилници со Б-дозвола, а има и пекарски фурни и бурекчилници.
Одговорниот за екологија во Општина Гостивар вели дека по седум месеци работа, направена е прва верзија на катастарот што ќе биде дел од стратегијата за справување со загадувањето на гостиварското подрачје.
– Ги идентификуваме овие загадувачи, од кои пет се со еколошки дозволи од категоријата А, а 11 со Б-дозволи што ги издава Министерството за животна средина. Списокот го дополнивме и со загадувачи како погони за производство на бои, каменоресци, пекари, механичарски работилници и сервиси каде што се заменува моторното масло на возилата, вели Зуди Џелили од одделот за екологија.
Со составувањето на катастарот на загадувачи, се очекува Гостивар да има податоци за тоа кои се загадувачите и до која мера е нивното влијание врз загадувањето. Џелили смета дека тоа во иднина ќе помогне да се открие изворот на загадување и да се дејствува соодветно. За да се намали загадувањето на воздухот, подземните води и земјата, потребна е поголема контрола. Освен од комуналните, фирмите загадувачи треба почесто да се контролираат и од државните инспектори.
– Министерството за животна средина има свои инспектори, кои имаат задолжение да ги контролираат, бидејќи тие ги издаваат дозволите и да проверат дали операторите ги исполнуваат прописите. Јас лично сум посетил одредени фирми со Б-дозволи и врз основа на документацијата се чини дека сè е во ред, но нивната работа и пропустите мора да ги контролираат инспекторите од Министерството за екологија, додава Зуди Џелили од одделот за екологија.
Катастарот на загадувачи ќе биде дел од Локалната стратегија за загадување во Гостивар. Таа е дел од петгодишен проект за кој локалната власт треба да издвои околу 20.000 евра.
Изминативе години проблемот со загадување на амбиенталниот воздух предивикуваше бурни реакци од гостиварци особено кога концентрацијата на ПМ10-честичките беше поголема неколкукратно од дозволената. Се водеа и кампањи и се организираа протести против одредени фирми, кои екоактивистите ги посочуваат како главни причинители. Општинската власт казни и неколку лица за кои беше докажано дека предизвикале загадување. Највисоката казна од 2.000 евра лани ја плати гостиварец што запали стари автобуски и камионски гуми на влезот од Гостивар. Од огнот дел од градот беше обвиен во густ црн чад, а граѓаните беа исплашени дека станува збор некаква хаварија.