Кај четири лица од Кавадарци,тестирани во лабораторијата на Институт за јавно здравје бил детектиран британскиот сој на корона вирус. Тие биле тестирани во период од 9-ти до 23-ти јануари, а сега веќе биле оздравени. Исто така, во тој период мутацијата на Ковид-19 од британски сој била детектирана и кај пациент од Куманово.
Кон крајот на јануари годинава МЗ соопшти дека мутација на британскиот сој на Ковид-19 е детектирана кај оздравен 46-годишен маж од Ковид-19, при анализа на податоци во приватна лабораторија за генетика и персонализирана медицина на Клиниката „Жан Митрев“. Неколку дена подоцна пак, беше потврдено дека лице од Охрид на возраст од 46 години е првата жртва на новиот вид на вирусот.
Светските здравствени власти информираа дека овој сој на вирусот кој за прв пат беше откриен во Велика Британија, а потоа и во над 70 земји, побргу се шири и се апелира на поголема претпазливост.
Изминативе неколку недели во Кавадарци бројките на новоинфицирани со вирусот не стивнуваат. Градот според број на нови регистрирани случаи постојано се наоѓа веднаш зад Скопје. Граѓаните се вознемирени и на социјалните мрежи често го поставуваат прашањето која е причината што заразата не се намалува.
Според вчерашниот извештај на МЗ, во градот се активни 402 случаи, пред Кавадарци се наоѓаат Охрид со 404 и Скопје со 3.979.
И во ковид одделот во кавадаречката болница бројот на хоспитализирани пациенти изминатиот период се зголеми. Ако на крајот на јануари бројот се намали и дојде до 13 хоспитализирани лица, изминатиот период оди по угорна линија, и во тек на вчерашниот ден биле хоспитализирани 28 пациенти, а има 32 слободни места.
Дали британската мутација на вирусот е причина за овие бројки, или пак граѓаните едноставно не се придржуваат до мерките за заштита, нема прецизен одговор.
Од ИЈЗ велат дека ниту еден од кавадарчаните дијагностицирани со британскиот вид на корона вирус, според податоци од епидемиолошките анкети, не патувал надвор од државата. Исто така, четворицата инфицирани, а сега веќе излекувани кавадарчани, немале контакт еден со друг, значи не го пренеле вирусот еден на друг, туку е од непознат кластер.
Нема официјална потврда дали се ова единствените случаи во Кавадарци на новата мутација на вирусот, но кај голем број од граѓаните е очигледна вознемиреноста поради константно високите бројки на новоинфицирани.
Од ЦЈЗ Кавадарци велат дека мерките за заштита од вирусот мора да се почитуваат максимално, и апелираат граѓаните да не се опуштаат.
Вики Клинчарова