Четири нови случаи на Ковид-19 во Кавадарци

by Fokus

Четири нови случаи на корона вирус се регистрирани во Кавадарци. Станува збор за двајца мажи на возраст од 26 и 55 години и две жени на возраст од 23 и 45 години.

Најмладата пациентка е од непознат кластер и не знае од кого се инфицирала, додека останатите три случаи се поврзани со веќе позитивен пациент.

-Се бараат контактите на позитивните лица. Сите се со блага клиничка слика и засега остануваат на домашно лекување. Во општината се почесто се јавуваат нови позитивни лица од непознат кластер – потврдија од Центар за јавно здравје Кавадарци.

Во Кавадарци од почетокот на пандемијата се регистрирани 37 случаи, а со последните, активни се 20. Првите два случаи беа регистрирани на 20-ти март. Кон средината на минатиот месец во градот имаше само еден активен случај на вирусот, но потоа бројките започнаа да растат.

Голем број на граѓани обвинуваат дека зголемениот број на инфицирани се должи на разлабавените мерки во локалите и на непочитување на мерките, посебно од страна на помладите. Во изминатиот период се повеќе се инфицираат помлади лица, а најмладиот досега регистриран пациент има 19 години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости