Поминаа веќе четири ноќи, откако мојата сопруга е исчезната. Полицијата нема никаков траг, нема ништо ново. Не знаеме каде да ја бараме, не знаеме што се случило – вели Дамјан Пецевски, сопруг на Даниела (40) медицинската сестра од Драчево, кој е исчезната од понеделникот.
Во средата, преку „Фокус” тој апелираше до сите кои имаат било каква информација да ја известат полицијата.
Неговата сопруга заминала од дома во понеделникот наутро. Како и секој ден, тргнала на работа, во Гинекологија, но не стигнала на работното место. Кога и ноќта не се вратила, тој го пријавил случајот во полиција. Како што ни изјави Пецевски, според полицијата, последен пат телефонот и бил лоциран кај Три Бисери, Аеродром.
Кога излегла од дома, таа била облечена во црна подолга јакна, црни пантолони, тегет кратки чизми, под јакната носела црвен џемпер на раскопчување. Висока била околу 165 сантиметри, имала црна коса и зелени очи.
Даниела е мајка на три деца, од кои две се малолетни. Дамјан тврди дека немале никакви проблеми и целото семејство било во шок од нејзиното исчезнување. Била стабилна личност, посветена на фамилијата.
-Вознемирени сме, ако било кој има некаква информација, нека пријави во полиција, или пак нека ме бараат мене на телефонскиот број 076 360 309 – апелира сопругот.