Владејачката СДСМ од 2017 година смени четири министри за култура, а од почетокот на годинава Бисера Костадиновска-Стојчевска е петтиот човек кој ќе раководи со Министерството за култура во време на владеењето на СДСМ.
Секоја револуција ги јаде своите деца, па така грубо кажано, на секој министер им се давало простор од една година да биде на оваа функција, за која и врапчињата на гранките знаат дека е прекратко време да се реализира некаков поголем проект.
Роберт Алаѓозовски беше првиот министер за култура од СДСМ по 11 години владеење на сегашната опозиција, ВМРО-ДПМНЕ. Тој во разговор за „Фокус“ вели дека очекувал повеќе разбирање, а од друга страна секој очекувал и повеќе пари.
„За една година направивме многу: стратегија, сериозни анализи, први чекори во реформите, нови иницијативи. Но, мојата смена предизвика растурање на тимовите, осипување на енергијата, развлекување на процесите и враќање на статус квото, или бизнис ес јужуал. Во Министерството се се врти околу механизмот за финансирање, т.н. Годишна програма и таа, заради поставеноста, се покажа како сезонска гилотина за секој следен демократски министер. Во таа смисла, најмногу критики претрпев и јас околу програмските средства. Јас очекував повеќе разбирање за објективните околности, а главно критиките беа индивидуални. Секој очекуваше повеќе пари“, вели Алаѓозовски.
Сепак, според него, тоа не била причина за неговата смена и постои еден проблем кога станува збор за политиката во Македонија.
„Тоа не беше причината за мојата смена, туку потребата во исклучителниот историски миг да се зголеми владиното мнозинство. Министрите треба да бидат подготвени во секој момент и без оглед на должината на мандатот да ја напуштат функцијата. Тоа е демократскииот предуслов. Проблемот е што кај нас „владеењето“ е премногу персонализирано и се се сведува и се врти околу хиперболизираната фигура на министерот и неговите адхок тим. Наместо поголемо внимание да се посвети на пошироко усогласените културни политики и стратегии околу кои треба да се гради континуитетот“, додаде тој.
Од досегашните случувања во Министерството за култура, може да се каже дека таму нешто сериозно смрди, а надлежните органи имаат задача да го изгаснат пожарот кој не „изгорел“ уште луѓе.
„Фокус“ побара објаснување и од СДСМ за ваквиот негативен тренд кога станува збор за културата и менувањето на министрите како на шега. Но, иако добивме ветување од портпаролот Дарко Каевски дека ќе ни бидат испратени одговори, сепак, до објавувањето на овој текст не добивме никакво појаснување за ваквата ситуација.
Јорданчо Цветаноски