Веќе четири месеци по ред, секој ден на социјалните мрежи малолетниот син на светиниколчанката Злата Јанкова (45) ја објавува нејзината фотографија, со апел дека е исчезната, и доколку некој знае што и се случило, да му јави на семејството.
Но, и по сите овие изминати месеци, од жената нема никаков траг. Мајка на две деца, сопруга, посветена на семејството, на 16-ти јуни тргнала од село Орел, каде со сопругот имале викендичка, да си оди во домот во Свети Николе.
Среде бел ден исчезнува и никогаш не стигнала во домот. На сопругот Дејан му кажала дека ќе си оди со такси, но подоцна се утврдило дека не повикала возило.
Од тој ден, за фамилијата започнала агонијата. Пријавиле во полиција, се трагало по неа со дрон, со кучиња трагачи, се вклучиле полициски екипи и го пребарале теренот околу селото. Без докуманти и без поголема сума на пари, со мобилен телефон кој по кратко време се исклучил, Злата останува нерешен случај за нашите институции.
Сопругот во повеќе наврати за ,,Фокус” раскажува дека животот им се превртел наопаку и веќе не знаат каде да се обратат. Прашува како може некој да исчезне без траг, и за цело ова време никаде да не биде забележана. Вели дека се сомнева како се работи за организирани случаи на исчезнувања, бидејќи Злата не е единствена во земјава која туку-така ја снемало.
-Се повеќе се сомневам дека во Македонија има некакво организирано зло, кое ова им го прави на луѓето. Мојата сопруга не е единствената која исчезнала и не може да се најде. Читам и за други случаи, жената од скопско Драчево која тргнала во оптика по наочарите и ја снема, младата Марија од Босилово, младиот Драган од Штип, млади момчиња и семејни луѓе кои без причина излегле од дома, без документи, без пасош, и повеќе никој не ги видел.
Каде живееме ние, кога ова ни се случува? Каде заминале сите тие луѓе, чии семејства живеат во агонија и не им се знае судбината? Во Македонија, вака мала земја, дури и некој да сака да се скрие, тоа не е возможно на подолг период, луѓето се знаат меѓусебно, некој ќе види нешто, ќе каже…
Многу, многу ни е тешко на сите, синот постојано ја објавува фотографијата, и јас бидејќи немам свој профил на социјалните мрежи, преку неговиот постојано ја објавувам, секој ден, некогаш и по неколкупати на ден, во надеж дека некој ќе ни се јави и ќе ни каже што се случило. Не може никој ништо да не знае, сигурно постои некој знае и кој молчи, загрижено раскажува сопругот.
Појаснува дека единствениот траг кој го имале е сведоштвото на локален жител, кој им кажал дека дента кога Злата исчезнала забележал сребрен Голф, во кој имало две жени. Претпоставува дека можеби некоја жена и понудила на Злата превоз до Свети Николе и таа влегла во возилото. Но, иако во полиција ги споделиле сите детали, се уште не бил пронајден Голфот.
-Од полиција, кога и да се јавам, ми кажуваат дека истрагата е во тек и дека кога ќе има нешто ново, ќе ми јават. Еве, четири месеци поминаа, никаков глас нема.
Првично, кога Злата исчезна, дури и ме прашаа да не побегнала со некого. Со кого да побегне по 28 години брак, две деца, живот во слога, без никакви проблеми, без никакви долгови кон никого. Па ние со никого не сме ни скарале, немаме непријатели, таа беше столбот на нашето семејство и никогаш ниту децата, ниту пак мене не би не повредила. Каде и да е, ако е жива и здрава, може ли никој да не ја види сето ова време? – прашува сопругот.
Вели дека надежта не ги остава и се уште веруваат дека Злата ќе биде пронајдена. Замолува доколу некој има било каква информација, а верува дека не може баш никој ништо да не знае и никој ништо да не видел, да се јави во полиција и да помогне во решавање на случајот.
Вики Клинчарова