Четири лица исчезнати од почетокот на годината не се пронајдени, нема трагa од над 70 лица кои исчезнале изминатите години во Македонија!

by Fokus

Над 70 лица од Македонија исчезнале во изминатите години и не се пронајдени, а повеќето од нив веќе паднаа во заборав од јавноста, а многу веројатно и од институциите. На страницата на МВР за исчезнати граѓани, објавени се фотографии од млади луѓе, од речиси сите градови во земјава, кои заминале од дома и никогаш повеќе не се појавиле на домашниот праг.

Каде се, дали се во земјава, дали се живи и што се случило со нив, останува енигма за јавноста и нивните семејства, кои го продолжуваат животот во агонија. Само од почетокот на годинава, на листата на исчезнати се најдоа пет лица. Петар Џобески, 11-годишно момче од Прилеп, кое исчезна на 25-ти февруари, во село Врпско, каде бил со родителите, Иванова Рада (84) од Кочани, која исчезна на трети март во Скопје, Виолета Крстевска – Јаневска, 60-годишна сметководителка од Скопје, која исчезна на 22-ри март во Скопје, Никола Николовски од Буково, 33-годишно момче кое заминало од дома на 13-ти мај, и Дане Милев (54) од Конче, кој исчезна на 19-ти мај во Радовиш.

Од нив, младиот Никола Николовски од битолско Буково беше пронајден мртов покрај својот автомобил, покрај Тиквешко Езеро, кон крајот на месец јули. Кога и од што починал, како паркираниот автомобил никој не го забележал толку долго време, и што всушност се случило со него, официјално не беше соопштено. Веста дека тој е починатото лице кое беше пронајдено покрај автомобилот, за „Фокус“ ја потврдија негови блиски. И покрај тоа, неговата фотографија и лични податоци, се уште стојат на страницата за исчезнати на МВР, и после повеќе од месец дена од пронаоѓањето.

„Фокус“ пишуваше и за случајот со сметководителката Виолета, вработена во Факултетот за безбедност, која и кажала на својата ќерка дека ќе оди во оптика да си ги подигне наочарите, по што и се изгуби траг. Нејзината ќерка Анѓела во повеќе наврати апелираше до јавноста да помогне во пронаоѓањето на мајка и, која ја опиша како скромна и одговорна личност, посветена на семејството. Што се случи со сметководителката, останува енигма. Случајот за 11-годишниот Петар од Прилеп пак, со месеци ја брануваше јавноста, за да полека започне да паѓа во заборав. Во времето кога исчезна, во февруари, по него беше организирана масовна потрага во околината на село Врпско, од каде се изгубил. Се трагаше во тешки временски услови поради снегот, се пребаруваа пештери и речни корита, но момчето не се најде.

Неговата мајка Соња Џобеска за „Фокус“ во неколку наврати изјави дека се сомнева како детето и е киднапирано.

-Како може да се пребара секоја грмушка, а Петар да не се најде? Се сомневаме дека е однесен некаде, дека некој го зел – раскажуваше таа во очај. Од немајкаде, соочени со тешка неизвесност и оставени без одговори и без своите најмили, многу родители на исчезнати лица дури и барале помош од видовити луѓе, фаќајќи се за сламка, во надеж дека ќе дознаат нешто за судбината на своите деца. И семејството на Петар барало одговори од луѓе кои се претставуваат за видовити, но и многу други мајки се случило да го сторат истото.

Снежана Лазаревиќ, мајка на Илија од Демир Капија, кој исчезна на 31-годишна возраст во април минатата година, за „Фокус“ отворено раскажа дека барала помош од видовити жени, бидејќи претешко се живее со секојдневната неизвесност. Но, и од Илија нема никаква трага по сето изминато време. Нема траг ниту од 31-годишниот Љумани Исљам од Крани, кој исчезна лани во март, ниту пак од Милев Никола (27) кој исчезна во Струмица минатата година во ноември. Најголем број на исчезнатите лица се од Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Кочани…

Ги има на возраст од пет години, Мирсада Хелдовиќ и Дане Мемеди, кои исчезнаа во Куманово во 2010 година, во рок од две недели и никогаш не се дозна нивната судбина, но има и лица во своите осумдесетти години. Исто така, голем е и бројот на исчезнати во своите триесетти години.

Вики Клинчарова

Поврзани новости