Четири години затвор за анестезиологот од „Санте плус“ на кој му почина родилка, а бебето заврши со мозочни оштетувања

by Fokus

Четиригодишна затворска казна за анестезиологот на клиниката „Санте плус“ за смртта на родилката Деборе Ќерими-Џамбази, која во 2018 година почина при породување, пресуди денеска судијата Марин Станевски, кој покрај тоа на обвинетиот му забрани да ја врши лекарската дејност во период од четири години, пренесе агенцијата „Макфакс“.

Обвинението беше поднесено пред три години, а со него анестезиологот се товареше за тешки дела против здравјето на луѓето, затоа што применил неподобен начин на лекување со што предизвикал смрт.

Обвинителството во текот на процесот докажуваше дека анестезиологот склучил договор да ја врши работната обврска, без потребното работно искуство во специјалноста над две години.

„На овој начин тој му се приклучил на оперативниот тим, во кој биле двајца лекари специјалисти гинеколози, кои на 18.1.2018 година вршеле хируршки зафат – царски рез врз сега веќе починатата родилка. Обвинетиот почнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус, наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводот, што предизвикало недостиг на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“, стоеше во обвинението.

Поврзани новости