Поминаа повеќе од 4 години откако одекна скандалот дека десетици кандидати за јавни обвинители приложиле фалсификувани сертификати за англиски јазик, потребени, за прием на Академијата за јавни обвинители.
Од Академијата тогаш го поништија огласот, а обвинителството отвори предмет. Но, и по неколку години не се дозна дали кандидатите за идни обвинители навистина сториле кривично дело, пред и самите да добијат можност да гонат криминалци.
Од обвинителството ни одговорија дека предметот се уште е отворен и дека се чекаат барања за меѓународна правна помош.
-Надлежниот јавен обвинител очекува одговори на поднесените барања за меѓународна правна помош од Република Албанија и од Обединетото Кралство. Притоа, од албанското Министерство за образование пристигна еден допис, но тој не ги содржеше податоците што ги бараше јавниот обвинител, па беше испратено дополнително барање за достава на податоци неопходни за истрагата. Побараните информации се неопходни за утврдување на фактичката состојба во предметот, бидејќи тоа е единствениот начин да се провери дали лицата навистина полагале и добиле сертификат за познавање на англиски јазик. Одговорите на испратените замолници се уште се очекуваат, ни одговорија од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека, во меѓувреме, надлежниот јавен обвинител испитал преку 30 лица и ја обезбедил документацијата од Академијата за судии и јавни обвинители за приложените сертификати.
На тогашниот оглас на Академијата, кој беше поништен во 2017 година, се бараа 60 кандидати, а шпекулациите беа дека дури 40 доставиле фалсификувани сертификати за англиски јазик. По овој оглас беше распишан нов, по што се шпекулираше дека повторно се пријавиле дел од „осомничените“ кандидатите за фалсификување, па дури и дека неколкумина, при вториот обид, ја завршиле Академијата и биле избрани за обвинители. „Фокус“ засега не успеа да обезбеди официјална потврда на оваа иформација.
Во меѓувреме пак обвинителствата кубурат со кадар. Според годишниот извештај за работата на јавните обвинителства, заклучно со 2020 година, јавните обвинителства во земјава работеле со недостаток од 60-тина обвинители. Од предвидените 258 јавни обвинители, колку што предвидел Советот на јавни обвинители, до крајот на 2020 биле ангажирани само 194.
В.В.