Честитки до работниците од функционерите чии плати ќе се зголемат за околу 1.000 евра

by fokus

Функционерите кои за неколку дена ќе почнат да добиваат плати повисоки за по околу 1000 евра, откако уставниот суд ја одмрзна основицата за пресметка и на таков начин овозможи раст на платите од речиси 80 проценти, денеска на работниците им го честитаат Меѓународниот ден на трудот-1 Мај.

-Системските решенија до кои дојдовме преку социјалниот дијалог дадоа резултат и го зацврстија партнерството и со синдикатите и со сите засегнати страни.

Токму затоа, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100% во однос на 2016та година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори.

Поставивме здрава основа и затоа и минималната и просечната плата, континуирано ќе растат. Го почитуваме и цениме трудот на секој работник и поради тоа, денес ние веќе не сме дестинација со евтина работна сила.

Денес, инвеститорите ја препознаваат стабилноста и можноста за раст и развој на државата која е земја членка на НАТО, земја со отпочнати преговори со Европската Унија и инвестираат и отвораат нови, добро платени работни места, напиша премиерот Димитар Ковачевски во честитката.

Претседателот Стево Пендаровски порача дека развојот и напредокот на земјава е предуслов за младите да останат во својата татковина.

-Затоа, треба постојано да ги преиспитуваме остварените права на работниците, да спречуваме нивна експлоатација, да размислуваме како да ги унапредиме за да донесеме поголем просперитет. Наша задача е да обезбедиме работниците да го имаат потребното образование и обука, да постои фер третман од работодавачите, да ги отстраниме бариерите за целосно учество на работното место за граѓаните со попреченост. Да се посветиме на обезбедување можности за сите, бидејќи секој работник заслужува почит и има право на достоинствен живот, вели Пендаровски.

Честитка упати и собранискиот спикер, Талат Џафери кој вели дека 1 Мај не треба да не потсетува само денес, туку сите 365 дена од годината дека, градењето на рамноправно општество на рамноправни граѓани почнува од најобичниот човек, од најмалите работни места до највисоките.

-Работникот, работничките права и должности, нивната безбедност и заштита на работа, подеднакво валоризирање, почитување на секој еден од нив, мора да биде на врвот на приоритетите за секој од општествените чинители. Обезбедувањето на пристојни услови за работа кои ќе ги мотивираат да се вложат најмногу што можат, ќе им даде чувство на припадност и грижа, чувство дека не го носат сами товарот на економските предизвици кои го обременуваат секојдневието од ден на ден се повеќе. Тоа влијае и на нивното физичко и ментално здравје кое се рефлектира и во семејствата како основни клетки на едно здраво општествено ткиво. Нека биде добро и праведно општество, нека биде грижливо и полно разбирање за сите. Само тогаш ќе имаме напредок и успех, како колектив, како држава и економија, рече Џафери.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска вели дека во време на најголемата економска криза, ја зголемиле минималната плата на 20.175 денари, што придонесе за раст и на останатите плати за 2.175 денари.

-Споредбено, во 2016 година минималната плата беше 10.080 денари, денес во 2023 година имаме двојно повисока минимална плата од 20.175 денари.

Минималната плата бележеше континуиран раст изминативе години, и тоа во 2017/2018 година се зголеми на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден, во 2022 година 18,000 денари и 2023 година 20.175 денари.

Последното зголемувањето изнесува околу 13% и се должи на измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, и воспоставувањето на нова методологија, која е системско решение и кое значи постојан раст на минималната плата.

Секоја година во месец март минималната плата ќе се усогласува согласно податоците од Државниот завод за статистика, и тоа 50% од порастот на трошоците за живот и 50% од порастот на просечната плата од измината година, пишува министерката.

 

Поврзани новости