Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.
– Денес, кога одбележуваме 117 години од Илинденското востание и 76 години од Првото заседание на АСНОМ, се сеќаваме на сите знајни и незнајни херои, комити и партизани кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава. Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно. Мораме да бидеме доблесни и да ја признаеме нивната жртва, свесни дека ништо ниту почнува, ниту завршува со нас, се вели во честитката од Пендаровски.
Годинава Илинден го прославуваме со крупен исчекор кон целосна реализација на стратешките цели, полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, што значи, подвлекува Пендаровски, гаранција за безбедноста, суверенитетот и економскиот напредок, со што ги остваруваме идеалите и визиите и на илинденците и на асномците.
– Но, исто така, Илинден годинава го дочекуваме и сред пандемијата со Ковид-19 како огромна закана за здравјето, но и за егзистенцијата и начинот на живот, не само кај нас, туку и во целиот свет. Ова е време кога мораме да се сплотиме и заеднички да излеземе како победници од оваа ситуација. Во оваа борба не ни треба оружје, туку, одговорност, солидарност, дисциплина, трпеливост и слога. Поради сите жртви во минатото и почитта и долгот кон нашите предци, но и поради иднината на нашите деца и на нашата држава, да ги заборавиме сите несогласувања и нетрпеливости и обединети да излеземе како победници, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски.