Чесите ќе гласаат нов шеф на државата

by Fokus

Повеќе од осум милиони чешки гласачи попладнево и утре ќе излезат на гласање за да одлучат на третите директни избори кој ќе застане на чело на државата.

Меѓу осумте кандидати нема личности од калибарот на првите тројца претседатели: Вацлав Хавел, Вацлав Клаус и во последните два мандата Милош Земан. Иако има осум кандидати, само тројца фаворити за шеф на државата имаат реални шанси да ги освојат гласовите на Чесите.

Магнат од агро и хемиска индустрија, имигрант од Словачка, петти најбогат во Чешка, поранешен популистички премиер близок до унгарскиот премиер Виктор Орбан, Андреј Бабиш; поранешен началник на Генералштабот и втор човек на НАТО како шеф на Воениот комитет на НАТО, пензионираниот генерал Петр Павел; и поранешната ректорка на Универзитетот Мендел во Брно, економистката Дануша Нерудова.

Фаворити според анкетите се Бабиш и Павел, додека Нерудова заостанува зад нив.

Сите тројца се залагаа за помош на Украина да се одбрани од Русија, додека Бабиш рече дека ќе свика мировен самит во Прага за конечно да се реши конфликтот.

Предизборните анкети предвидуваат речиси сигурна победа во вториот круг, со 57 отсто од гласовите, на генералот Павел, независен кандидат чија кампања е спонзорирана главно од бизнисмени блиски до десниот центар и граѓанското општество.

За разлика од странските аналитичари, чешките коментатори и политиколози главно не се претерано убедени дека шансите на Бабиш значително ќе се зајакнат со фактот што пет дена пред изборите, Градскиот суд во Прага го ослободи од обвинението за манипулација со субвенциите на Европската унија.

Противниците на Бабиш и на претседателот во заминување Земан бараа нов шеф на државата преку оглас на Jobs.cz каде бараат „морален модел и менаџер на среќата на целото општество кој ќе стави крај на ерата на ароганцијата и презир кон луѓето“, а во замена нудат замок Храдчани во Прага, летниот замок Лани, патувања во странство и постојано медиумско внимание.

За овие избори, според проценките на аналитичарите, ќе одлучуваат неопределени гласачи, кои ги има невообичаено многу: од петтина до третина од гласачкото тело според различни анкети.

Исходот од првиот круг од изборите ќе биде познат в сабота навечер, а веројатно вториот круг ќе биде за 14 дена.

Поврзани новости