Петр Павел, претседателот на Чешка предупреди дека крајот на војната во Украина не се гледа, а во светот не постои поширок меѓународен договор како да се реши тој конфликт.
„Не би го нарекол пробивањето на руската одбранбена линија пресвртница. Можеме да зборуваме за позитивен пресврт, но тоа е само дел од фронтот, напредување од неколку километри или десетици километри, а Русија нема само една линија на одбрана, туку две, понекогаш дури и три. Пробивот на едно место на фронтот не значи колапс на руската армија и победа на Украина“ изјави Павел во видеоинтервју за чешкиот весник „Млада фронта Днес“.
Тој смета дека треба да се биде внимателен во оценувањето на напредокот на украинската контраофанзива.
„Русија во овој момент не сака да разговара, или ако сака, тогаш само со оние што ги смета за свои сојузници. И мислам дека сега нема за што да се зборува, бидејќи претседателот Путин јасно дава до знаење дека почетната точка за преговори е рускиот предлог, а тоа од разбирливи причини е неприфатливо за земји како нашата“ – рече Павел.
Предупреди дека организирањето мировен самит во овој момент би било само „празен гест“.