Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и чешкиот премиер Петр Фијала се согласија Чешката Република, претседавачот со ЕУ, да свика итен вонреден состанок на министрите за енергетика на земјите-членки да се договорат како да се контролираат цените на енергијата.
Ова денеска го објави Фијала на Твитер и најави „конкретни вонредни мерки за решавање на енергетската состојба“, додека министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела рече дека средбата ќе се одржи во најкраток можен рок.
Тој најави дека решението што Чешка сигурно ќе го поддржи ќе биде да се одредат максимални цени за струјата, гасот и нафтата во ЕУ.
„Исто така, би било можно да се диверзифицираат цените според видот на производството на електрична енергија или да се променат системот на дозволи за емисија. Тоа се многу технички дебати и секое решение има свои поддржувачи“, рече Сикела.
Чешкиот претседател Милош Земан вчера побара да се контролираат цените на енергенсите, кои излегоа од контрола по рускиот напад на Украина, а денеска претставници на чешките регионални власти побараа од владата да започне со регулирање на цените на енергијата од следната година, без оглед на европското решение.