Во Чешка се потврдени нови 14.968 случаи на коронавирус, што е за 3.000 повеќе од претходниот ден.
Владата итно донела нови заштитни мерки со кои се обидува граѓаните да ги задржи на линија работа-дома.
Од почеток на пандемијата, во Чешка заболени се 208.915 лица, а бројот на активни случаи во моментов е 124.040. Починати се 1.739 лица,
Во болниците во моментов хоспитализирани се 4.417 пациенти, што е четири пати повеќе од почетокот на октомври.
Премиерот Андреј Бабиш апелираше Чесите да ги почитуваат новите мерки. Министерот за внатрешни работи и шеф на Централниот кризен штаб за борба против Ковид-19 Јан Хамачек, предупредил дека Владата посегнала по најтешките мерки и дека повеќе нема адути, освен целосно затворање на економијата и луѓето како во Израел.
-Нема многу можности како повеќе да ги заостриме мерките. Владата примени најтешки мерки, останува целосно да ја исклучиме економијата во целата земја, што освен Израел никој друг не си дозволи, изјавил Хамачек за дневникот Право.
Тој посочил дека владата од парламентот ќе побара продолжување на кризна состојба поради епидемијата, бидејќи актуелната истекува на 3 ноември, а владата нема право без дозвола на парламентот сама да воведува нова подолга од 30 дена.
Хамачек предупредува дека мерките на затворање кои стапиле на сила немаат рок и ќе важат се додека бројот на лица кои се заразуваат од еден позитивен не се намали од сегашните 1,4 на 0,8. Според него, моделите покажуваат дека доколку епидемијата во Чешка продолжи со вакво темпо, капацитетите на болниците ќе се пополнат меѓу 7 и 11 ноември.
-Не можеме да си дозволиме луксуз вирусот да се шири понатаму. Во тој случај здравството ќе доживее колапс како што беше случај во Ломбардија и Њујорк, изјавил Хамачек кој е позитивен на коронавирус и е во домашен карантин, а кризниот штаб го раководи од далечина.