Чешка ја губи битката со Ковид-19, бара од европските земји да преземат дел од пациентите

by Fokus 08:37
08:37

На епидемиолошката карта на светот, Чешка изгледа како остров на пропаста. И додека глобалната бројка новозаразени со коронавирус е во пад шеста недела по ред, оваа земја со 10 милиони жители бележи бројки блиску до рекордното ниво.

Откако новиот, британски сој се прошири низ земјата, болниците во некои градови веќе немаат слободни кревети, па земјата побара помош од Германија и други европски држави. Министерот за внатрешни работи Јан Хамачек изјави дека Германија понудила десетици кревети во тамошните болници за лекување чешки пациенти со ковид-19. Деветнаесетмина веднаш биле префрлени.

- Advertisements -

Хамачек кажа дека Швајцарија е уште една земја која е подготвена да помогне со десетици кревети и се преговара со Полска за 200 места во тамошни болници.

Во вторникот, Чешка регистрираше 16.442 нови случаи на коронавирус, што е четврти најтежок ден од почетокот на епидемијата, додека во болниците има над 8.000 пациенти со ковид-19. Некои болници во западниот и централниот дел на земјата, како и во регионот Пардубице источно од Прага веќе не можат да примат нови пациенти, па тие се превезуваат во клиники во други делови од земјата.

„Ова е ситуација со каква што не сме се соочиле досега“, изјави гувернерот на Пардубице, Мартин Нетолицки.

Со 1.120 заразени на 100.000 жители, Чешка ја има највисоката 14-дневна стапка во Европа, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести. Во Чешка досега има речиси 1,3 милиони заразени и околу 21.000 починати од ковид-19.

Според еден од водечките чешки епидемиолози Растислав Мадар, владата досега направила три клучни грешки кои довеле до сегашната состојба.

„Прво не ги послуша своите научни советници да воведе задолжително носење маска преку лето, втората грешка беше прераното отворање на продавниците пред Божиќ и третата што не реагираше на појавата на новата варијанта во почетокот на јануари. Да се надеваме дека нема да има четврта“, вели Мадар.

Поврзани новости