Советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева, на 2 јануари го посетила Скопје, потврдиле од тамошната влада за Бугарската национална телевизија.
Чернева била во Скопје по задача на Петков заради подготовка на претстојната средба на бугарскиот премиер и Димитар Ковачевски подоцна овој месец, кога во Скопје треба да се избере новата влада.
Весела Чернева е меѓународно признат експерт за надворешната политика. Таа во моментов е заменик-директор на Европскиот совет за надворешни работи и шеф на канцеларијата во Софија. Фокусот на нејзиното истражување и делување се надворешната политика на ЕУ, како и Западен Балкан и регионот на Црното Море. Порано таа беше и портпарол на бугарското министерство за надворешни работи, како и секретар на Меѓународната комисија за Балканот.