Чекор напред, два назад

by Fokus

Ние, во мигов сме 150 години зад она што го имавме и бевме во Југославија, и тоа на сите полиња, правното, економското, демократското, човековите права и слободи, образованието, културата…

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Често се прашувам што е тоa што нѐ прави такви како народ, какви што сме, чудни, исчуручени, зли, некадарни, а самобендисани, суетни и полни со себе, итроманци, самофалбаџии. Како е можно, најголемиот дел од народот да не сфаќа и не гледа што ни се случува, а политичарите и нивните советници и ботови уште да се удираат во гради и да зборуваат за некаков напредок. Како е можно толку да се заслепени луѓето и да ги бранат глупавите ставови и постапки на партиските лидери и раководството и да се воодушевуваат, а живеат на работ на сиромаштијата и достоинството.

Ние, во мигов сме 150 години зад она што го имавме и бевме во Југославија, и тоа на сите полиња, правното, економското, демократското, човековите права и слободи, образованието, културата…

НЕМАМЕ СИСТЕМ

Немаме систем, а темелите на државата одамна ги разнишавме, без визија и идеја за иднината, без континуитет, живуркаме по принципот купи ден, продај ден. А продадовме сѐ што можевме да продадеме, евтино, а купивме и скапо ги плативме слаткоречивите лажливи измамници наречени политичари и ветувањата на некои имагинарни, превртливи и со двојни аршини Европејци. Она што во мигот го продаваме, а уште тоа ни остана, е нашата историја и минатото.

Под притисокот на Европа, кој е константен, и по барање на соседите и дел од малцинствата, кои се бескрајни, ги сменивме знамето, Уставот, името, а сега од нас се бара да ја смениме и историјата и своето минато.

Токму таа Европа, која лицемерно тврди дека се залага за еднаквост и еднакви права, заштита на правата на малцинствата и маргинализираните групи, за владеење на правото и почитување на националните и културните обележја, воедно и суверенитетот на секоја земја, сите принципи, начела и права ги прекрши токму кај нас и во врска со нас.

ЗАБОРАВАЊЕ НА КОРЕНИТЕ

Сега од нас се бара да ги заборавиме своите корени, секое востание и буна за слобода да ги прогласиме за сепаратизам, да се откажеме од сопствените херои, фашизмот да го крстиме како национално ослободување, а фашистите како национални ослободители.

Но, за сета состојба во која се наоѓаме, не се виновни, ниту странците, ниту соседите, ниту марсовците, ниту жолтите комбиња, туку сме виновни ние самите. Разединети и раскарани околу сите можни работи и прашања, самобендисани, без капацитет да го сослушаме другиот и неговите аргументи, сметаме, секој од нас, а особено тие што ја водат државата, дека се секогаш во право и дека имаат ексклузивно право на вистината.

Токму затоа тие што ја водат државата, мислат дека сѐ им е дозволено и дека сѐ што ќе помислат, можат да направат, со сѐ и за сѐ да се испазарат. Наместо дијалог, овде се води монолог, а наместо спротивставување на аргументите и фактите, се спротивставуваат пцости и навреди.

Токму поради таквиот став на самобендисаност и исклучителност, немаме ниту како народ, ниту како држава континуитет и традиција. Кој како ќе дојде на власт, смета дека државата почнува од него и сѐ што направил неговиот претходник се заборава и се фрла во ѓубре, се почнува по којзнае кој пат од почеток. Чувството е дека со секој циклус избори наново почнува да се гради државата и општеството, а ние се движиме по оној принцип на чекор напред, два назад.

Без национална стратегија и цврсто поставени граници преку кои никој, ниту една влада или претседател не смее да помине, ние ќе назадуваме ќе ги повторуваме истите грешки и ќе весламе во место.

По којзнае кој пат, со промена на партијата на власт, но и со промена на министрите на истата партија, се зафаќаме со маргинални и небитни работи, со шминкерај и популизам, наместо со сериозни реформи и реформски процеси.

Кој че дојде на власт како министер за правда, наместо со реформи, се зафаќа со споредни работи, едниот ќе создаваше  ново кривично дело во сообраќајот, другиот клеветата и навредата ќе ги враќа како кривично дело и сѐ така во круг и без цел и логика, чекор напред, два назад. Тој за образование ќе печати нови прекроени учебници, другиот по него ќе ги исфрли учебниците од употреба и ќе се учи од интернет, некој од новите најверојатно ќе согледа дека и училиштата не се потребни. И сѐ така во секоја област од нашето живеење и постоење.

Сѐ додека на клучните позиции не се постават стручни и докажани луѓе во својата област, туку се поставуваат луѓе по партиски или национален клуч, без оглед на квалитетот, сѐ додека партискиот интерес надвладува над државниот, а корупцијата е начин и принцип на владеење, ќе се движиме чекор напред, два назад.

 

Поврзани новости