Чекајќи го „пикот“

by Fokus

Пишува Владимир ЛАЗАРЕВИЌ

Забаракадирани во карантин и изолација, го чекаме пикот, многу слично како што и Бекет во неговата феноменална антидрама го опишува чекањето на Годо. Исполнети со една празнина на неподносливо губење на времето се чека нешто што никогаш нема да дојде. Уплашени, пред сè, за самите себе, и додека држиме социјална дистанца, забораваме да го видиме светот околу нас. Заталкани во апсурдноста на осаменоста, ние упорно и тврдоглаво чекаме. И додека секој од нас се обидува да ѝ даде смисла на апсурдноста на бесмисленото чекање, параноидно следејќи ги вестите за тоа колку луѓе заболеле, а колку умреле од корона вирусот, забораваме дека не сите луѓе на планетава се во состојба да се оддадат на апсурдното чекање. Уште од самиот почеток на корона кризата, севкупната стратегија промовирана од страна на Светската здравствена организација беше и сè уште е наменета да ги заштити „богатите“. Онаа група среќници кои можеме да си го дозволиме луксузот да чекаме. Во оваа група на т.н. богати влегуваат сите оние луѓе кои имаат покрив над главата и кои имаат свој дом. За разлика од нив, на сосема друга страна, се наоѓаат сиромашните. Се наоѓаат сите оние граѓани што немаат никакви услови за нормален живот. Немаат покрив над главата или, пак, живеат во истрошени куќички. Сите оние што се исклучително сиромашни и кои не можат да се самоизолираат. Сиромашните нема да можат ниту да си купат превентивни и заштитни средства. Овие луѓе не можат да си ја дозволат бесмисленоста на апсурдното чекање на пикот.

Минатата година имав можност да ја посетам Индија. Бев во Бомбај. Имав желба да го посетам едно од најголемите сиромашни махали (slum), која се вика Дхарави. Овој дел од градот, не само што е најсиромашната слам населба во Бомбај, туку важи за една од поголемите во Азија. Во Дхарави живеат околу еден милион луѓе. Посетата ни беше организирана преку локална невладина организација. Нè дочекаа на договореното место, на еден од влезовите во махалата. Ни објаснија накратко како функционира животот тука, нè подготвија што можеме да очекуваме и турата почна. Беше врнежлив ден. Нè водеше едно младо девојче. За кратко влеговме во густо населена зона. Мали трошни, тесни, разрушени и сиромашни куќички залепени една до друга. Од сите страни блискаше вода од поројниот дожд. На праговите на куќите стоеја многу деца што нè гледаа и бараа да им дадеме нешто. Уличките беа многу тесни и речиси сите врати отворени. Во еден момент, девојчето што нè водеше ни покажа каде треба да влеземе. Влеговме во една трошна куќа, во која живееше исклучително сиромашно и бројно семејство. Веројатно беа десетина. Нè погледнаа зачудено, но очекувано. Преку едни тесни и стрмни скали се качивме на кровот на куќичката. Се почувствува тежок и интензивен мирис на топена пластика. Еден маж, кој мене ми се чинеше дека има повеќе од 50 години, топеше некакви пластики во голем казан. Девојчето ни кажа дека Дхарави има своја неформална економија. Сите нешто се трудат да работат. Така човекот што ја топеше пластиката, всушност, правеше некаква симплифицирана форма на рециклирање, несомнено исклучително штетно по неговото здравје. Ја преработуваше пластиката во други форми. Ни кажа дека има 30 години. Изгледаше неспоредливо постар. Го одминавме и се качивме на највисокит дел од кровот од куќичката. Од таму можеше да се види целиот хоризонт. Безброј начичкани мали куќички и многу тесни улички низ кои може само моторче да помине. Се симнавме повторно долу и почнавме бргу да се движиме по уличките. Речиси насекаде некој нешто произведуваше и продаваше. Девојчето ни кажа дека во Дхархави има многу јавно здравствени проблеми и само 1 тоалет на 500 жители. На крајот од обиколката застанавме во една манифактура, каде што се правеа различни производи од рециклирана хартија. Купивме неколку разгледници и си заминавме.

До ден денеска ме држи впечатокот на таа беда што ја видов во Дхархави. Таа сиромаштија, која буквално извираше од секое ќоше. Да, имаше и насмеани и весели деца. Но, беше многу тажно. Од првиот ден на оваа корона криза и препораките на СЗО си помислувам како ли тие препораки ќе се спроведат во Дхархави? Како ли се спроведуваат кај нас во ромските населби низ Македонија? Јасно е, нема како да се спроведат во пракса. Препораките за самоизолација и социјално дистанцирање се да ги заштитат „богатите“. Така додека богатите го чекаат пикот, за сиромашните насекаде во светот пикот е секој ден.

Поврзани новости