Чавушоглу побара од Албанија протерување на „турските терористи“

by Fokus

Шефот на турската дипломатијата Мевлут Чавушоглу побара од Албанија да ги протера „турските терористи“ кои, според него се навлезени во албанските институции.

На заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати, тој посочи дека треба да бидат затворени сите институции кои се поврзани со, како што ја нарекуваат во Турција, фетулахистичката терористичка организација (ФЕТО) на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен.

– Бараме елиминирање на активноста против турската држава што се случува тука. На нашите албански пријатели им доставивме листа со имиња и официјално побаравме нивна екстрадиција. Никогаш нема да чуваме албански терористи во Турција, па очекувам и Албанија да го стори  истото, рече Чавушоглу.

Тој додаде дека благодарение на храброста и мудроста на претседателот на Турција, бил блокиран државниот удар во земјата.

-Тие многу добро го користеа образовниот систем и влегоа во институциите. Се разбира, ова е опасна организација и ние  знаеме дека тука има членови на ФЕТО. Сакаме и очекуваме да се затворат  антитурските институции во Албанија. Оваа организација е повеќе од сериозна закана за Албанија и тие можат да сторат се, додаде турскиот министер за надворешни работи.

Чавушоглу вети изградба на нови училишта во Албанија, со цел, како што нагласи, да се потигне нивото на образование. Исто така, рече тој, во Турција се добредојдени и ќе бидат примени не само студенти од Албанија, туку и од регионот.

Двајцата министри оценија дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични и оти економската соработка секојдневно се унапредува.

За време на престојот во Тирана Чавушоглу ќе се сретне и со премиерот Еди Рама и спикерот на Парламентот Грамоз Ручи.

Поврзани новости