Екс министерот за внатрешни работи, Митко Чавков повторно добил притвор бидејќи откако бил пуштен во домашен притвор, при полициска контрола не бил најден во неговиот дом, брифираат од Кривичниот суд.
На 27 март во 18, но и во 23 часот, Чавков не бил во домот, но и никој не отворил врата. Па така, Кривичниот совет одлучувајќи по предлогот на обвинителството, а кој следуваше по подигање на обвинителниот акт, во обзир ја зема и оваа околност бидејќи во Законот за кривична постапка, член 163, став 4 јасно е наведено дека ако лицето се одалечи од домот, против него ќе се одредеи притвор.
Подоцна, судот добил известување дека Чавков не бил во домот, бидејќи самиот одлучил дека мерката куќен притвор ќе ја издржува на друга локација, односно не на адресата за која Врховниот суд бил информиран.
Бидејќи во јавноста се создаде дилема дали Кривичниот совет смеел да му одреди притвор на Чавков, но и на останатите обвинети од 27-ми, само по два дена откако Врховниот суд им одреди куќен притвор, од Кривичниот суд појаснуваат дека нема поврзаност, односно станува збор за две постапки.
Врховниот суд одлучувал по жалба на обвинетите за притвор што им бил одреден во фаза на истражна постапка, а Кривичниот совет во втора фаза од постапката, односно по веќе поднесено обвинение.
Исто така, притворот на овие обвинети им бил одреден поради страв од бегство.
В.В.