Од Кабинетот на директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, демантираат дека во 2013 година против него била поднесена кривична пријава, поради незаконски стекнати 30 илјади евра.
-Објавените информации во некои медиуми за наводно мое незаконско работење се целосно неточни и имаат една единствена цел, лична дисквалификација, нарачана од одредени политички центри на кои им пречи наметнувањето на нови повисоки стандарди на полициско работење. Пријавата која што беше поднесена без ниту еден доказ, а беше мотивирана од отпорот што го имаа кон професионализацијата некои структури од полициско – криминалното подземје– стои во реакцијата.
Инаку, порталот Aктуелно пишува дека во рок од три години, меѓу 2006 и 2009, на Чавков на име патни трошоци и прекувремени работни часови, неосновано му биле исплатени близу 30 илјади евра. Пријавата, според информации од Основното јавно обвинителство, е заради постоење основано сомневање дека Чавков сторил две кривични дела, измама и злоупотреба на службена положба и овластување.