Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, денеска од затворот во Штип, беше спроведен во Кривичниот суд, каде што сведочеше за случајот „Тортура“, објави „Зелена лупа“.
На прашање на обвинителот Љубомир Лапе дали Чавков останува во целост на својот претходно даден исказ пред овој суд, Чавков побарал да му се прочита записникот.
-Не се сеќавам, после три години системска тортура, може да ми прочитате, изјавил Чавков.
Како тогашен Началник на одделението за организиран криминал, во времето на овој кривично правен настан тој на повеќето поставени прашања ги давал одговорите „Не знам, не се сеќавам“, ниту за ПИ мерките, ниту пак за тоа дали документирањето на случајот било од страна на БЈБ или УБК. Сведокот во исказот изјавил и дека не се сеќава кој издал Наредба за лишување од слобода на лицето Љубе Бошковски.
Во случајот „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата “АЛФА” Ивица Анчевски-Пуки, и петмина припадници на Алфите, Новица Станковски, Филип Атанасов, Петар Милошевски, Јован Боцевски и Метуш Шабани.
Според обвинението им се суди за мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување за начинот на лишување од слобода на лидерот на политичката партија “Обединети за Македонија”, Љубе Бошковски на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.