Барселона испадна во четвртфиналето на фудбалската Лига на шампионите, откако ПСЖ синоќа победи со 4-1 на „Монжуик“ и ја анулираше негативата од еден гол од првиот натпревар во Париз.
Играта започна блескаво за шпанскиот шампион, кој поведе во 12. минута благодарение на голот на Рафиња, но се тргна надолу со црвениот картон на Роналд Араухо во 29. минута.
Уругваецот беше последниот играч во одбраната на Барселона кога го собори Бредли Баркола, кој беше во трк кон Тер-Штеген во ветувачка можност за гол. Иако ситуацијата се случи на работ од шеснаесетникот, судијата Иштван Ковач не покажа на белата точка, а Араухо беше исклучен од игра.
Во 56. минута Ковач покажа уште еден црвен картон, но овојпат на тренерот на Барселона, Чави, кој бурно реагираше на судиската одлука со која не се согласува, па во бес шутна штанд за камера што се наоѓаше покрај тревникот.
Шпанскиот стручњак по натпреварот не го криеше незадоволството од судијата Ковач.
„Лут сум! Тој црвен картон (Араухо) ја промени играта. Во ситуации 11 на 11 бевме многу присебни. Тогаш сè се смени. Моето мислење е дека црвениот картон беше претеран во таа ситуација, а потоа гледавме поинаков натпревар – изјави Чави по натпреварот.
Потоа откри што му рекол на Ковач кога се симнал од свечената ложа по мечот. Камерите го фатија Чави што му вели на судијата.
„Му кажав на судијата дека е многу лош, дека е катастрофален и дека не разбира фудбал. Ја уби играта, промени се. Не сакам да зборувам за судии… Но морав да кажам ова, не можам да молчам“, заклучи тој.