ChatGPT- нова ера на технологијата – решава задачи, пишува есеи и нуди рецепти

by fokus

Иднината веќе пристигна, па најчестото прашање сега е дали вештачката интелигенција ќе ја замени човечката работа. Во последните неколку месеци, најновиот производ со вештачка интелигенција ChatGPT ги импресионира луѓето низ светот, па овој„чат-бот“ може да ви напише есеј, песна, да ви ги реши задачите, па дури и да ви напише рецепт за баклава.

Chat Generative Pre-Trained Transformer (ChatGPT) е апликација за онлајн конверзација базирана на вештачка интелигенција, односно т.н. „чат-бот“ кој одговара на прашања на корисниците, сумира информации и извршува одредени задачи, како на пример генерирање текст на некоја тема.

Поедноставено, како што објаснува комуникологот, Сеад Џигал за „Фокус“, таа овозможува „разговор“ помеѓу човек и машина-програма во која оваа апликација може да ни помогне да дојдеме до брзи информации и содржини за кои без помошта на ChatGPT би ни требало значително подолго време.

ВО РАЗВОЈОТ НА CHATGPT СЕ ВЛОЖЕНИ МИЛИЈАРДИ

-Се смета дека ChatGPT ја отвора следната фаза на дигиталната трансформација во која се очекува уште поголем развој на вештачката инлегигенција во секојдневната работа и комуникација, па затоа и другите т.н. онлајн гиганти како Алфабет (Гугл) и Мета (Фејзбук) веќе интензивно работат на слични сервиси, вели Џигал.

Според него, овој чат-бот е далеку од совршен сервис, но се вложува во негова популаризација и се креира фама за да се вратат милијардите вложени за оваа апликација.

Во развојот на ChatGPT досега се вложени десеттина милијарди долари, а неопходна е скапа и сложена инфраструктура за негово дневно одржување, така што се очекува тој сѐ повеќе да монетизира дел од своите услуги за кои корисниците ќе треба да плаќаат. Во таа смисла, доста маркетиншки се вложува во оваа фаза на популаризација и се креира своевидна фама околу ChatGPT, иако тој секако е далеку од совршен сервис, објаснува Џигал.

Тој очекува ChatGPT во скоро време да може да заменува некои од шаблонизираните и автоматизираните активности во комуницирањето коишто денес ги вршат луѓе, нешто слично како што во текот на индустријализацијата машините ги замениле работниците за некои автоматизирани или посложени физички процеси.

-До каде ќе оди тој процес на заменување тешко е да се предвиди, но реално е да се претпостави дека на крај сепак ќе биде потребна одредена комбинација на автоматизација и човечка проверка, контрола или надзор. Во исто време, како и секоја технологија, ChatGPT веројатно ќе креира некои нови работни позиции, така што веројатно нѐ очекува некој вид на „соживот“ и со оваа нова технологија, додава тој.

ДАЛИ ЌЕ БИДЕМЕ ЗАВИСНИЦИ ОД ТЕХНОЛОГИЈАТА?

Сепак постојат многу спротивставени мислења за тоа дали оваа апликција ќе го однесе човечкиот развој напред или назад, со оглед на тоашто голем број на модерни мислители и аналитичари повикуваат на мораториум во развојот на вештачката интелигенција.

Некои држави, како Италија на пример, воведоа времени забрани за користење на ChatGPT, додека не се проверат и обезбедат превентивни механизми, особено во делот на заштита на приватноста на корисниците.

-Едно е сигурно, вештачката интелигенција ќе предизвика длабинска и тектонска трансформација на нашите општества, прашање е само дали ќе ни се допадне тоа и дали ќе ни ги подобри животите таквата трансформација?, додава тој.

Овој период тој го споредува со „романтичарскиот период“ во дигиталната револуција, кога сите се заљубивме во паметните телефони и апликации и широкоградо ги прифативме и солено ги плаќаме уредите кои одат со неа.

На површина излегуваат сѐ повеќе проблеми, како што се злоупотребите на дезинформациите, пропагандата, злоупотреби на приватните податоци, кибер-силеџиството, зависноста, депресијата, губењето на вистинските пријатели, фрагментација на семејствата, општеството и заедниците, и така натаму. Како што предупредуваа некои теоретичари, како Маршал Меклуан, Пол Вирилио и Жан Бодријар, технологиите имаат тенденција да ни ги одземаат природните способности за голем број секојдневни активности и да нѐ направат зависници од технологијата, анализира Џигал.

ИМА И КОШМАРНИ СЦЕНАРИЈА

Реално е да се очекува и оваа технологија да има слични позитивни и негативни варијации, со тоа што веќе се навестува фактот дека што посложени се технологиите кои ги користиме во секојдневието, сѐ потешко е да ги контролираме не само нивните ефекти, туку и самите технологии.

-Да се надеваме дека нема да дојдеме до инстанца во која вештачката интелигенција нема да биде под етичка и хуманистичка контрола на човекот. Замислете само кошмарно сценарио во кое вештачка интелигенција треба да одреди дали вашата земја треба да искористи нуклеарно оружје во некоја идна војна? Со право некои аналитичари предупредуваат дека треба да се преземе сѐ за да се превенираат вакви екстремни сценарија од можноста да станат реалност, предупредува Џигал.

Инаку, ова не е прва појава од овој вид и се надоврзува на некои претходни модели на асистенти и чат-ботови базирани на вештачка интелигенција, но засега е секако најнапреден модел од овој тип, далеку поспособен од што се тоа на пример Сири или Алекса.

ChatGPT е создаден од компанијата OpenAI, фондација која е формирана пред седум години од Илон Маск.

Фото: Pixabay

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости