Професорите Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски победија на внатрепартиските избори во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Секоја партија на свој начин избра стар, односно нов лидер. И двете се фалеа на колку демократски начин ги избирале претседателите. А, ние граѓаните добивме уште една лекција. Но, дали од неа нешто ќе научиме?
Пишува: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Дождлив неделен ден. Ако дождот значи плодност, а денот по утрото се познава, денот ќе биде плоден. Плоден со демократија. Од онаа најубавата, внатре- партиската. И би. Празник на демократијата.
Партиите кои 30 години ни ја кројат судбината, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ избираа свои лидери. Потенцијални идни премиери. Државници. Партиски лидери избрани на најдемократскиот начин што Македонија некогаш го видела. Внатрепартиската демократија на дело.
Но, да ја оставиме иронијата настрана. Сега, за сега.
Што се случуваше во неделата, на 12 декември? Два конгреса со различни концепти. ВМРО-ДПМНЕ го избираше својот лидер преку партиски делегати, кои беа 517 на број.
Во Спортскиот центар „ Јане Сандански“ дојдоа од сите градови на Македонија. Од вкупниот број на делегати, се појавија 492.
ЗНАМЕ НА ЕУ, НАМЕСТО ЛАВЧЕ
Иако од партијата најавија, сепак, Ковид протоколите не се почитуваа. На влезовите не се бараа сертификати за вакцинација, ниту пак, негативен ПЦР тест. Стоеја луѓе со мерачи за телесна температура, но речиси на никој што влегува, не му мереа температура.
Исто така, речиси половина од присутните делегати не ги носеа маски, па пред почетокот на официјалниот дел од конгресот, партискиот портпарол ги опомена да ги стават.
Иконографијата беше црвено -бела со македонски знамиња, но и со знамиња на Европската унијата. Носечкиот слоган беше „Нова генерација за нова иднина“. Лавчето остана некако во позадина, само на задниот дел на картичките на делегатите. Се појавуваше од време на време и на видео бимот.
Конгресот започна со интонирање на химната на ВМРО-ДПМНЕ која беше искористена за влез на старо- новиот лидер Христијан Мицкоски. Делегатите речиси четири минути стоеја и непрекинато му аплаудираа.
МИЦКОСКИ БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА
Старо- новиот лидер на ВМРО-ДМНЕ, Христијан Мицкоски немаше противкандидат. Од 492 присутни за него гласаа 489 делегати. Три ливчиња беа неважечки.
Во својот победнички говор, Мицкоски најави „втора епоха“ која треба да донесе слобода во сите нејзини аспекти.
„Ни треба нов општествен консензус на сите рамноправни чинители околу она што треба да претставува нов заеднички патриотизам. На Македонија ѝ треба нов договор кој ќе го отелотвори заедничкиот патриотизам низ ново одредување за она што претставува наша првенствена цел.
Таквиот општествен договор кој ќе го понуди заедничкиот патриотизам е враќање на нашите надежи за тоа како требаше да изгледа државата во моментите кога се создаваше, како активна целина на рамноправни чинители, која ќе обезбеди праведен напредок и еднакви можности за сите, од која идеја длабоко низ овие 3 децении се застрани“, рече Мицкоски.
ФАВОРИТОТ НА ЗАЕВ ПРОТИВ ДВАЈЦА КАНДИДАТИ
За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ немаше централен настан. Фокусот беше на непосредното гласање на сите членови кои имаат електронски членски картички.
Гласањето на овие вонредни избори се одвиваше на 194 избирачки места низ општинските организации на СДСМ ширум државата, почнувајќи од 8 часот наутро, се до 19 часот попладне.
СДСМ отиде еден чекор понапред во однос на демократијата од ВМРО-ДПМНЕ, па имаше тројца кандидати за наследник на Зоран Заев: неговиот фаворит Димитар Ковачевски, како и Јован Деспотовски и Фросина Ременски.
Во текот на кампањата, битката од самиот старт беше нерамноправна. Стариот лидер Заев со себе го носеше Ковачевски и веќе го презентираше како свој наследник.
Ковачевски доби отворена поддршка и од дел од министрите од Владата, како и од истакнати партиски функционери.
За разлика од него, Деспотовски и Ременски се бореа сами. Ременски изјави дека подобро ќе било за процесот Заев да останел неутрален како што тоа го направи Бранко Црвенковски кога се избираше негов наследник.
Иако, имаше тројца кандидати за наследник на Заев, сепак, битката не беше неизвесна.
На вторите непосредни внатре- партиски избори во СДСМ гласаа вкупно 44.406 членови. За Ковачевски гласаа 37.649 гласови од членството, додека, пак, Јован Деспотовски освои 3.319 гласа. Фросина Ременски освои 2.836 гласа. Неважечки беа 602 ливчиња.
По прогласувањето на победникот, Ковачевски рече дека СДСМ одржала „лекција по демократија“.
И така заврши 12-ти декември, празникот на демократијата во Македонија. Двете најголеми партии со нивните лидери- професори на чело пробаа да покажат дека одржале уште една „лекција по демократија“.
Ни ја покажаа внатре- партиската демократија на дело, која накратко изгледа вака: Во ВМРО-ДПМНЕ се знае кој ќе се кандидира и кој ќе победи, а во СДСМ не се знае кој се ќе се кандидира, ама се знае кој ќе победи.
И покрај сите лекции на наш грб, изгледа ништо не сме научиле.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК