Чарлс Трети денеска ќе биде прогласен за шеф на Канада

by Fokus

Церемонијата за прогласување на кралот Чарлс Трети за шеф на државата Канада ќе се одржи денеска во Отава, соопштија од кабинетот на канадската генерална гувернерка Мери Сајмон, која е официјален претставник на британскиот монарх во земјата.

Церемонијата ќе започне во 10:00 часот по локално време (14:00 часот по Гринич) во салата Ридо, официјалната резиденција на генералниот гувернер.

Седумдесет и тригодишниот Чарлс Трети автоматски стана крал на Велика Британија и шеф на држава на 14 други земји и територии, вклучувајќи ја и Канада, кога неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, почина на 96-годишна возраст.

Иако Канада престана да биде колонија на Велика Британија во 1867 година, таа остана дел од Британската империја до 1982 година и сè уште е членка на Комонвелтот на народите, чии земји го имаат британскиот монарх за шеф на државата.

Чарлс Трети денеска, исто така, ќе биде прогласен за крал на Велика Британија. Како што претходно соопшти Бакингемската палата, во Лондон во 10 часот по локално време ќе започне состанокот на Советот за наследство на тронот, на кој ќе биде прогласен синот на Елизабета Втора за нов монарх.

Поврзани новости